Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.
Пишува: проф. д-р Мимоза Ристова
По што е познат Европскиот центар за нуклеарни истражувања – ЦЕРН? Можеби веќе знаете, но ете да ве потсетам дека ЦЕРН е лабораторијата во која е сместен најголемиот акцелератор на честички во светот – големиот хадронски колајдер (LHC). Со него во 2012 година беше откриен Хигсовиот бозон, честичката која го објаснува механизмот за формирање на масата на елементарните честички. ЦЕРН, воопшто, е местото на најголемите откритија во физиката на честички. Тука се прават фундаментални истражувања за составот на материјата и природните сили. Освен Хигсовиот бозон, тука се развиваат знаењата за најситните градивни честички на материјата – кваркови, лептони, антиматерија и многу други. ЦЕРН е урнекот по кој треба сите да се водиме, во кој успехот е плод на меѓународна научна соработка. Во него учествуваат повеќе од 100 земји и над 10.000 научници. Покрај тоа, ЦЕРН е познат и како родно место на интернетот. ЦЕРН е образовна машинерија, тука работат стотици млади истражувачи и инженери од целиот свет, тука учат, соработуваат и градат кариера.
Кога се родил ЦЕРН?
По Втората светска војна европските научници сфатија дека ако сакаат да го сопрат трајното одлевање на мозоци од Европа во САД, што се случуваше најинтензивно поради напливот на фашизмот и нацизмот и поради погодностите што им се нудеа на европските мозоци во рамките на „Менхетн проектот“, и ако сакаат да ги вратат младите научници во Европа, мора да се создаде заеднички современ истражувачки центар кој ќе може да им конкурира на американските државни лаборатории. Така, по војната, поточно во 1949 година, на конференција на УНЕСКО било предложено формирање европска лабораторија за физика на честички. До 1954 година официјално беше основан ЦЕРН, со што се создадоа услови европските научници да останат и да си истражуваат во домашна лабораторија наместо да заминуваат во САД.
Мојот ЦЕРН
Во 2020 година ја имав извонредната привилегија да поминам цела една година во ЦЕРН во Женева, Швајцарија. Оваа уникатна можност не беше само професионална пресвртница, туку и лично патување во самото срце на меѓународната научна соработка. Целта на мојот престој беше тесно поврзана со развојот на проектот Југоисточно европски меѓународен институт за одржливи технологии (SEEIIST), визионерски проект инициран под водство на проф. Хервиг Шопер. Инаку Шопер, поранешен генерален директор на ЦЕРН, кој почина пред нецели два месеца, на 101 година, ја даде оваа монументална идеја, да се создаде мал ЦЕРН за земјите од Балканот за да се покаже дека закрвавените народи можат во мир да творат за благосостојбата на човештвото. Инаку, токму Хервиг Шопер е заслужен за реализацијата на грандиозната идеја за градење тунел за акцелераторот LEP со периметар од 27 километри на швајцарско-француската граница кај Женева, а кој потоа, со засилените технологии на магнети и инјектори беше претворен во LHC (големиот хадронски колајдер). Тој во својот екстремно плоден животен и работен век направи и уште неколку вакви помали проекти, како што се Беси во Германија и СЕЗАМЕ во Јордан (заедничка лабораторија за неколку арапски земји и Израел).
И покрај страшната пандемија, за мене 2020 секогаш ќе биде година на моја силна трансформација, учење и обновена посветеност на улогата на науката како мост меѓу народите. Работа во тимови кои се сестрано хетерогени, секако дека и научниците од непријателски држави и завојувани страни тука со здружени сили во мир и со почитување работат на врвни истражувања. Со тоа им даваат пример на политичарите дека за напредок се потребни заеднички пријателски напори.
Да напоменам и дека моја некогашна студентка и магистрантка д-р Ангела Глигорова речиси цела деценија работи во ЦЕРН на проекти за антиматеријата (создавање антиводород) на проекти кои се финансирани од програмата на Европската комисија – HORIZON.
Храм на меѓународна соработка
До 2020 година организацијата прерасна во живописен центар со повеќе од 10.000 научници и инженери од целиот свет. Да се работи во ЦЕРН значеше да се влезе во универзум каде што научната извонредност се среќава со секојдневна дипломатија. Секој ходник, секој состанок и секој заеднички проект во ЦЕРН потсетува дека силата на оваа институција не лежи само во технологијата, туку и во луѓето. Во текот на мојот престој имав можност да соработувам со истражувачи од цела Европа. Се радував кога ќе ги чуев сите можни јазици во една голема просторија, ресторанот нa ЦЕРН познат како R1. На кафе-паузите со колеги од многу земји споделувавме не само научни, туку и фасцинантни разговори за храна, музика, историја, спорт и филозофија.
SEEIIST: Визија за Балканот
Во таков контекст, мојата задача беше јасна, но амбициозна: да придонесам во развојот на проектот SEEIIST, иницијатива создадена со цел да обезбеди врвна научна инфраструктура на Балканот (синхротронски акцелератор). Неговата главна мисија е двојна: прво, да овозможи најсовремени истражувања во терапијата на рак преку примена на јонски зраци, и второ, да ја поттикне научната соработка и изградбата на капацитети во регион кој историски бил обележан со војни, поделби, политичка нестабилност и конфликти. SEEIIST носеше и симболична димензија: проект што ќе ги обедини земјите од Балканот, од кои некои неодамна доживеале војни и длабоки поделби. Тоа беше можност да се трансформира наративот за регионот, од минати конфликти кон заедничка иднина на соработка, иновации и одржлив развој.
Глобалната пандемија во таа 2020 година го натера ЦЕРН, како и многу други институции, да се приспособи на работа од далечина, ограничен пристап и неизвесност околу патувањата. Недостигот на директна човечка интеракција и војните во Европа го забавија донекаде процесот на одлучување за создавањето на малиот ЦЕРН за Балканот.
Сепак, искрено се надевам дека идејата за SEEIIST, иако заспана, ќе смогне сила за да воскресне и да го закити Балканот со еден научно-технолошки бисер како што е ЦЕРН.
Гледајќи наназад, мојот престој во ЦЕРН ја вообличи мојата претстава за тоа што значи да се биде научник вклучен во општеството. Работењето на SEEIIST ме научи дека науката не постои во изолација, туку дека таа е длабоко вплетена во социјалното, политичкото и етичкото ткиво на нашата современа доба. Проектот не е само за некакви зраци, невидливи со голо око, a кои излегуваат од акцелераторите и се судираат со други, туку е за надеж за лекувањето на повеќе видови рак, за кои радиотерапијата со рендгенски зраци не ветува голем успех. Тоа е проект на помирување и градење подобра иднина за граѓаните на Балканот.
*Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.