Создаваме поубав живот за сите  - Europe House

29 Окт

BACK

Создаваме поубав живот за сите 

Создаваме поубав живот за сите 

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Пишува: Анастасија Павловска, Здружение за креативна одржливост „Комбо“ 

Во време кога сè повеќе живееме „секој за себе“, кога купуваме повеќе отколку што користиме, а ретко се прашуваме што оставаме зад нас – постои едно место што го создадовме во Железара и кое нè потсетува дека може и поинаку. 

„Комбо“ не е само здружение за креативна одржливост, ниту само простор. Тоа е идеја дека креативноста, одржливоста и заедништвото можат да одат рака под рака во создавањето поубав живот за сите. 

Од запуштена просторија во Железара, со малку пари, многу пријатели, стари предмети и креативно размислување, успеавме да создадеме простор кој е автентичен и внимателно осмислен до секој детаљ – со една цел: да ѝ дадеме на населбата место каде што жителите ќе може да се собираат, креираат и да соработуваат. 

Решивме здружението да го наречеме „Здружение за креативна одржливост“ бидејќи една од нашите главни цели е да го намалиме отпадот што завршува на депониите преку неколку активности: редизајн и препродажба на стари предмети и облека, редонирање на други здруженија, како и организирање работилници каде што учиме, креативно создаваме и откриваме нови начини за креирање од отпад. 

Социјалната мисија на „Комбо“ ни беше јасна уште од самиот почеток бидејќи тоа беше нешто што нам, како млади креативци, ни недостигаше – чувство на колективност и припадност во заедницата, место каде што ќе запознаваме нови луѓе, ќе соработуваме и ќе создадеме можности за млади уметници кои сакаат да се промовираат и да се надградуваат во своето поле. 

Преку сè што правиме сакаме да покажеме дека креативноста не бара многу ресурси, туку поддршка, ентузијазам и храброст. 

Како овие мисии изгледаат во реалноста, може да се види преку соработката со младиот бенд „Калико“. Целата приказна започна кога тапанарот и неговата девојка станаа чести посетители на нашиот простор и брзо се спријателивме. По неколку кафе-муабети дознавме дека „Калико“ имаат снимено сингл, но немаат средства да го снимат својот прв албум. Наместо приказната да заврши таму, решивме дека тоа е моментот каде што ние, како „Комбо“, можеме да помогнеме – им обезбедивме студиска сесија со продуцент од самата населба, а паралелно со нив работевме на визуелниот идентитет и пакувањето на албумот, направено од рециклирана хартија (остатоци од печатница), со магнети собрани од ризли за цигари и рачно изработена графика. 

Резултатот беше 21-минутен албум со огромно значење – доказ дека со малку ресурси, но со многу креативност и заедништво, младите можат да создаваат и да растат во активни и одговорни чинители во општеството. 

Преку Маалскиот бувљак, „Комбо“ ја продолжува својата мисија и ја шири својата позитивна енергија. Овие настани ги гледаме како многу повеќе од продажба на работи од втора рака – тие се место на интергенерациска дружба, каде што сите учат едни од други. Младите носат свежи идеи, постарите споделуваат искуство, а меѓу нив се создава нешто ретко денес – чувство на блискост и припадност. 

По секој бувљак добиваме безброј пофалби и позитивни реакции и од изложувачите и од посетителите – кои го опишуваат „Комбо“: „исто како дома“, „место за мир и дружба“ или „прибежиште од бучниот и брз скопски живот“. 

Со своето постоење, „Комбо“ ја движи културата надвор од центарот и ја враќа во маалата. Децентрализацијата на културниот живот значи дека креативноста не треба да се случува само во галерии и институции – таа може да расте во гаражи, дворови и стари маалски простори кои повторно оживуваат. Во Железара тоа веќе се случува: „Комбо“ го реосмисли јавниот простор меѓу црвените згради како место за изложби, концерти, работилници и средби, каде што културата се создава од луѓето за луѓето. 

Особено значајно ни е што „Комбо“ е прифатено со топлина од соседите и најблиската заедница. Денес гледаме како кај луѓето во маалото се случуваат мали, но вистински промени: повеќе размислуваат еколошки, сакаат да ги донираат старите работи, внимателно избираат што купуваат и активно придонесуваат во комуналната градина што ја создадовме преку иницијативата „Ре-засади“. Таа градина стана симбол на заеднички труд и грижа за природата – место каде што и растенијата и односите растат. 

Во суштина, „Комбо“ е доказ дека промената може да почне од едно маало. Од неколку луѓе кои веруваат дека одржливоста не е само вирален тренд или маркетинг-стратегија, туку начин на живеење. Потврда дека заедницата може да биде најубавиот материјал од кој нешто се создава.

 

*Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Subscribe To our newsletter!