Музиката, во сите нејзини облици и форми, отсекогаш била дел од човечкото искуство. Покрај своето уметничко и културно значење, музиката поседува и терапевтски потенцијал, што сè повеќе се препознава и се применува низ свеxaтот. Музикотерапијата се афирмира како суштинска алатка за подобрување на емоционалното здравје и благосостојбата на луѓето. Музичката терапија или музикотерапијата не е нов феномен во доменот на медицината. Во минатото, кај старогрчките и египетските цивилизации, свештениците и лекарите верувале дека одредени звуци и мелодии можат да го балансираат телото и умот. Потоа, во традиционалната кинеска медицина музиката била дел од холистичкиот пристап кон здравјето. Во поновата историја, музикотерапијата добива научна основа и веќе во 20 век почнува да се применува во болници и рехабилитациски центри, особено за ветераните од војните кои страдале од физички и психолошки трауми. Со текот на времето, истражувањата потврдиле дека музиката има директно влијание врз мозокот, а музичката терапија може да поттикне позитивни емоции и да го намали стресот, а со тоа и да ги подобри когнитивните функции кај човекот. Денес, музичката терапија е интегриран дел од многу здравствени системи ширум светот. Се применува во неврологијата, психијатријата, онкологијата, како и во третманите на лица со аутизам, Алцхајмерова болест и депресија. Поради нејзината ефикасност, музикотерапијата станува една од најценетите комплементарни терапии, чија примена постојано се проширува со нови научни сознанија и иновативни методи.
Што подразбираме под музикотерапија (музичка терапија)?
Музикотерапијата е клиничка практика што користи музички интервенции за постигнување на индивидуални терапевтски цели. Ја спроведуваат квалификувани професионалци со завршено акредитирано образование во музикотерапијата. Тие работат со луѓе од сите возрасти кои имаат различни способности и вештини, со што и терапијата се приспособува на нивните физички, емоционални, когнитивни и социјални потреби. Под интервенциите во музикотерапијата се подразбира активно создавање музика, каде што пациентите свират на повеќе инструменти, а можат и да пеат или да импровизираат. Исто така, се применува рецептивно слушање музика, при што лицата слушаат снимени или изведени музички дела, па потоа ги коментираат или ги анализираат. Друга техника е пишувањето песни и анализа на текстови, што им помага на пациентите да создадат музика и да го истражат значењето зад текстот на песните. Покрај тоа, постои и водена музичка медитација, каде што музиката се користи за поттикнување релаксација и креативна визуализација. Сите овие интервенции се приспособени на индивидуалните потреби на секој пациент, без разлика дали пациентот закрепнува од посериозна повреда, болест, на пример мозочен удар, хронична болка или, пак, се справува со анксиозност.
Кои се придобивките од музикотерапијата?
Придобивките од музикотерапијата се многубројни. Во болнички услови, таа им помага на пациентите полесно да се справат со стресот и со болката од медицинските процедури, што потоа консеквентно може да доведе до побрзо закрепнување на пациентот. Во областа на менталното здравје, музикотерапијата овозможува простор за изразување, односно себеекспресија, притоа помагајќи им на луѓето кои се соочуваат со различни психолошки предизвици. Особено корисна е за децата со развојни нарушувања, бидејќи ја подобрува нивната способност за социјална интеракција и комуникација.
Светската недела на музикотерапија обезбедува вредна можност да се прикажат различните апликации на музикотерапијата низ целиот свет. Голем број болници и приватни ординации вклучуваат третмани за лекување преку музичка терапија. Оваа зголемена свест помага да се разбие стигмата и да почне да се промовира пристапот до овој нов медицински метод. Во многу европски земји, како Германија, Франција и Данска, училиштата исто така го прифаќаат овој пристап, со тоа што ја интегрираат музикотерапијата во нивните програми за поддршка на учениците со анксиозност или проблеми со концентрацијата. Истражувањата покажуваат дека музикотерапијата може да го намали чувството на анксиозност и да го подобри расположението, па дури може да помогне и во психолошкото справување со болките и со болестите.
Сѐ повеќе европски универзитети и истражувачки институции спроведуваат студии што ја демонстрираат ефикасноста на музикотерапијата во различни контексти и времиња. Националните здруженија за музикотерапија работат на воспоставување на професионални стандарди, кои се интересираат за промоција на образованието за оваа област. Музикотерапијата сè повеќе се вклучува во програмите за рехабилитација, со акцент на палијативната нега, како и услугите за ментално здравје низ Европа. На пример, во земји како Германија и Холандија, музикотерапијата постепено го наоѓа своето место во здравствените системи, а и самото поле на музикотерапијата, генерално, почнува брзо да се шири како што расте свеста и побарувачката за овој тип терапевтски услуги. Иновациите во областа се очигледни и во земји како Финска, каде што музикотерапијата е интегрирана во образованието на тој начин што ги поддржува децата со различни потреби и поттикнува поинклузивна средина. Затоа е мошне важно колку што е можно порано да се интервенира и да се забележи терапевтскиот потенцијал на музиката во негувањето на менталното здравје на поединците.
Недела на музичка терапија
Музиката одамна е препознаена како универзален јазик, кој ги надминува културните и јазичните бариери за да допре колку што е можно подлабоко во човечките емоции. Повторно се доаѓа до заклучокот дека музиката отсекогаш била, и ќе продолжи да биде, дел од човековото искуство и секојдневие. Оваа недела е можност да ја подигнеме свеста за значењето на музикотерапијата и нејзината интеграција во здравствените системи ширум светот, а особено во земјите од Европа. Музиката како терапија постоела уште од најдамнешните времиња. Корените можеме да ги најдеме и во приспивните песни што ги смируваат доенчињата, како и песните посветени на божествата, со цел да се успокои народот поради несигурноста и предизвиците со кои се соочувале. Во денешно време, оваа практика е научно-утврдена и широкоприфатена во медицинските и во психолошките дисциплини. Нејзината примена во европските земји сè повеќе се проширува, особено во третманот на пациенти со невролошки нарушувања, депресија и хронична болка. Светската недела на музикотерапијата е потсетник дека музичката терапија може да послужи како моќно средство за лична трансформација и исцелување.
Доротеа Огненовска