Во нашата држава има многу спортови што се тесно поврзани со историјата и традицијата на земјата. Токму, не за секого познати, се македонските борачи уште наречени и пеливани, кои во ритуална борба си ги одмеруваат силите, но истовремено ја пренесуваат духовната суштина на оваа стара вештина. Всушност, пеливанството претставува продолжение на прастарите облици на борење, кои потоа се адаптирани и трансформирани во рамките на локалната културна традиција. Станува збор за мошне автентичен спорт, со примеси на културолошки и обредни елементи, пеливанството го одржува народното наследство во живот и ја зачувува врската со минатото.
Историски гледано, за спортот се знае многу малку, но се верува дека потекнува уште од античко време. Никулците на овој спорт се среќаваат кај некои древни народи: старите Египќани оставиле фрески со прикази на борци уште од 3.000 г. пр.н.е., античките Грци го вклучиле борењето во олимписките игри, а Римјаните во гладијаторски игри како дел од нивните јавни забави. Со текот на вековите, старите облици на борење постепено се трансформирале во различни народни варијанти, од кои една е и пеливанството. Оваа фолклорна и обредна форма се појавила на нашите простори за време на османлиската епоха на Балканот – период кога многу културни и духовни практики биле пренесувани од Анадолија и интегрирани во балканскиот културен етнос. Пеливанството е најчесто застапено кај населението од исламска вероисповед кое живее на просторите на Република Северна Македонија, но и надвор од неа. Во тоа време, пеливанското борење било свечен натпреварувачки ритуал, што се изведувал за време на големи празници и верски свечености. Денес, слични форми на традиционално борење можат да се најдат и во Турција, каде што најпознат е турнирот во Киркпинар (Kırkpınar), повторно уште еден подвид на пеливанска борба, прогласена од УНЕСКО за нематеријално културно наследство.
Препознавајќи ја вредноста на пеливанството како традиционален спорт и како културен артефакт со особено значење, Министерството за култура во 2019 година официјално го прогласил за културно наследство. Со ова, пеливанството се здобило со институционална заштита и признание, што потоа овозможува да биде вклучено во понатамошните современи културни манифестации. На 14 септември 2025 година, во селото Студеничани, во близина на Скопје, се одржа осмиот традиционален турнир во пеливанско борење „Етно фест“. Овој настан, кој постепено израснува во препознатлив културен настан од национален и регионален карактер, собра повеќе од сто спортисти од земјата, но и од соседните земји: Албанија, Косово, Турција, Бугарија и Грција. Натпреварувачите, дојдени од различни културни и историски простори, покажаа колку оваа стара боречка традиција сè уште е важна и успева сè до денес да ги воодушеви сите што сакаат спорт, култура и авантура во едно.
Кога ќе се најдат во арената, пеливаните изгледаат како вистински боречки херои од минатото. Нивниот униформен стил се сведува на кожени панталони наречени кисмети, направени од цврста воловска кожа, кои ги штитат нозете и најделикатните делови од телото. Меѓутоа, кисметите не се само за заштита туку и за декорација, бидејќи многу од борачите ги шараат нивните кисмети со нитни и шари за што веруваат дека ќе им донесат среќа при борбата. Покрај тоа, пеливаните се мачкаат со специјално масло што им помага да му се измолкнат на противникот, а истовремено и да ја заштитат кожата од повреди. Некои од нив носат амајлии на вратот, кои ги штитат од „злите очи“ и го зголемуваат магичниот ефект на натпреварот, а борбите се одвиваат на тревна подлога. Пеливанството бара сила од борачите, но повеќе е тактичка игра со определени техники, додека од играчите се бара огромно трпение и вештина при изведувањето на потезите. Пеливанот треба да се снајде со противникот; како треба да го фати, да го повлече или да го сврти настрана и затоа секој натпревар е комбинација од физичка сила и стил на игра.
Со својата долгогодишна традиција, пеливанството, иако е спортска активност, народот повеќе го препознава како културолошки обред, што е дел од колективната меморија. Пеливанството се зачувало како традиционален спорт и продолжува да се негува во регионот на скопскиот Каршијак, етнографска област јужно од Скопје, чиј центар е токму селото Студеничани. Во периодот на власт на Отоманската Империја, најчесто се одржувале борбите во организација на поимотните семејства со цел да се зголеми угледот на градот, односно селото каде што живееле. Подоцна, во времето на СФРЈ, пеливанството како настан продолжило да се одржува на 11 октомври во Каршијак, а потоа, по распадот на Југославија, датумот се менувал. За таа цел, „Етно фест“ е замислен како повеќеслоен фестивал што има цел да ги спои спортот и културата. Во рамките на овој турнир, публиката има можност да присуствува на натпреварите и да ги поддржи играчите во нивниот кулминативен пик.
Настанот полека прераснува во празнично славење на овој културолошки спорт. Со вакви фестивали, Република Северна Македонија негува и промовира еден уникатен дел од своето културно богатство, истовремено придонесувајќи кон зачувување на традициите за идните генерации. Пеливанството останува доказ дека спортот и културата можат да се испреплетат и да ја збогатат современата културна сцена. Пеливанството е живо, динамично, полно со енергија и истовремено е наше, македонско, а со настани како „Етно фест“, сè повеќе луѓе имаат шанса да го видат и одблизу да го доживеат.
Доротеа Огненовска
*Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.