Зошто оваа приказна сега? - Europe House

31 Јул

BACK

Зошто оваа приказна сега?

Зошто оваа приказна сега?

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Ангела Несторовска, филмски продуцент, „Сектор филм продукција“

Понекогаш знаците не се светлечки билборди. Не се ниту гласни аплаузи. Понекогаш, тие се тивки, едноставни и ненаметливи, но клучни. За мене, „надредниот знак“ се појави кога бев дете. Еден исклучително жежок летен ден, тетка ми ме одведе во киното „Бамби“. Го гледавме „Три бои: Сино“, во празна сала, во 16 часот, кога сонцето ги претопуваше улиците на градот. Можеби некој друг би го заборавил тој миг како обичен спомен. Но, јас знаев: тоа беше знак.
Оттаму почна сè. Љубовта кон филмот, приказната, сенката, тишината. Почна нешто што не можев тогаш да го именувам, но тоа подоцна стана мојот живот.

Години подоцна, одам по тој пат со истата љубопитност. Работам како филмски продуцент („Сектор филм“), постојано во движење меѓу сопствените и туѓите граници – географски, уметнички и ментални. Соработувам со различни тимови, менталитети и земји. Домашни проекти, меѓународни копродукции, работам и како продуцент на странски продукции. Меѓу секој филм и секој пат си го поставувам истото прашање: „Зошто оваа приказна сега?“ И секогаш има одговор. Некогаш нежен. Некогаш тежок. Но, секогаш присутен.

Од сите земји во кои сум работела, една ми останува особено блиска: Грција. Таму не само што снимавме, таму раскажувавме заеднички приказни. Таму, филмот „Зад стоговите сено“ (Piso apo tis thimonies / Behind the Haystacks) на режисерката Асимина Проедру, во грчко-германско-македонска копродукција доби рекорден број награди на Грчката филмска академија во 2023 година, вклучувајќи и награда за најдобар филм (награда за продуцентите).
Тоа беше повеќе од успех. Тоа беше знак. Надреден. Потврда дека нешто вистинито, нешто наше, нешто балканско – може да биде разбрано, примено и прославено и надвор од нашите граници. Македонски и грчки кастинг. Локации од двете земји. Заедничка екипа. Заеднички сензибилитет. Филм што зборува едно исто. И највредното што го научив од таа соработка е токму тоа дека кога еднаш ќе те препознаат надвор од границите, нема враќање назад. Не поради суетата, туку поради одговорноста. Стануваш амбасадор на сето она што можеме да го направиме — со малку пари, но со многу срце.

Работата во Грција ме донесе и до една сосема нова реалност: американската продукција “Tin Soldier”, каде што ѕвезди како Роберт де Ниро, Џејми Фокс, Скот Иствуд, Џон Легуизамо и Рита Ора работеа рамо до рамо со локални екипи. Еден ден бев во Скопје со домашен тим, веќе другиот ден — на сет во Грција, со холивудски режисер, троен буџет, различни култури и бројни недоразбирања на ден… Но, функционираше.

Во тој свет каде што сè е прецизно, навреме, испланирано до последниот детаљ — нè сакаат затоа што знаеме да импровизираме. Затоа што сме израснати да се снаоѓаме во незгодни ситуации, да преговараме со локални институции, да најдеме начин да снимиме сцена без да затвориме цела улица. Тоа е нашиот таен адут. Балканската упорност. Балканската снаодливост.

Во нашата професија малите победи се најважните. Не зборувам за црвени теписи. Зборувам за моментот кога некој, далеку од твојата земја, ја гледа твојата работа и вели: „Ова вреди.“ Тоа не е само признание за еден филм. Тоа е признание за сите борби, сите чекања по фондови, сите ноќи без сон, сите „не“ што те научиле да го чекаш вистинското „да“.

Патот на македонскиот филм е пат на европскиот филм. Во филмската индустрија ние одамна сме Европа, особено кога станува збор за реализирани копродукции. Имаме професионалци што знаат да создаваат филм, но потребна ни е  поддршката, и тоа континуирана.
Филмската индустрија не ни дава ништо однапред. Но ни дава знаци. Понекогаш тивки. Понекогаш длабоки. Од нас зависи дали ќе ги препознаеме.
Јас избрав да ги следам.

Subscribe To our newsletter!