Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Разговара: Наташа Атанасова
Елиза Копети е уредничка од Италија, која своите студентски денови ги поминала во Хрватска и Србија и добро го познава српско-хрватскиот јазик, од кој и самата преведува. Пред десет години, таа била една од основачите на издавачката куќа „Ботега еранте едициони“, чија издавачка политика е насочена кон издавање дела од просторите на Источна Европа.
За време на Саемот на книгата, Елиза беше гостинка во Скопје, во рамки на Фелоушип-програмата на МАИ, каде што имаше можност одблиску да ја види издавачката сцена и да се запознае со повеќе издавачи и автори.
Елиза, како си? Успеа ли да си дојдеш на себе по враќањето од Скопје и да се приспособиш на „досадната“ канцеларија? 😊
Добро сум, благодарам. И покрај исполнетата програма, патувањата и концентрацијата, морам да признаам дека во Скопје ми беше толку опуштено што сè уште не сум успеала да се вратам на северноиталијанската брзина и стресот. И подобро!
Твојата издавачка куќа „Ботега еранте едициони“ е создадена со желба да издавате и поинаква литература, литература од Источна Европа. Можеш ли да ни раскажеш повеќе за идејата и сонот што беа во основата и за тоа што успеавте да реализирате од 2015 година наваму?
На почетокот од нашата приказна имавме силна желба на читателите на нашиот јазик да им отвориме нов прозорец кон соседната книжевност, затоа што таа беше многу малку позната. Кога велам соседна книжевност, мислам на Словенија и Австрија, но и на целиот простор што се простира до Романија, Бугарија, Албанија и Грција, вклучувајќи ја секако и Македонија. Што се однесува до Словенија, ситуацијата е апсурдна. Ние живееме близу границата, ги знаеме цените на нафтата и на месото во Словенија, но немаме поим што пишуваат Словенците, кои се нивните модели, кои се нивните најголеми автори и зошто воопшто пишуваат и читаат толку поезија?!? Пред десет години јасно увидовме дека на пазарот нема издавачка куќа која го покрива ова соседно подрачје, па имаше простор за нас. На почетокот имавме сè што требаше (освен буџет…): уредник, преведувач, графички дизајнер, администратор, ПР. Почнавме со првите книги на италијански и со преводи, а наш прв автор беше Иво Андриќ со збирка необјавени раскази за патувањето. Можете да замислите колку емотивно беше тоа!
Во текот на овие 10 години многу работи се променија: прво, моравме да научиме како се тргува со книгите, да станеме вистинска фирма, да се организираме и да осмислиме план за комуникација, да основаме сопствен бренд (овцата е нашата маскота и лого, затоа што акронимот од „Ботега еранте едициони“ е БЕЕ, точно звукот што го прави овцата „бееее!“ – барем кај нас!). Дојде пандемијата, но преживеавме, отворивме нови патишта и морам да признаам дека никогаш не ни е досадно!
Бидејќи се наоѓате во Удине, мал град на периферијата во Италија, каков предизвик беше за вас дистрибуцијата на книгите низ земјата и како ви е денес решена?
На почетокот тоа беше вистински проблем: одлучивме да ја отвориме издавачката куќа во Удине, а не во Милано или во Рим, затоа што сите се вративме дома од разни делови на Европа за да живееме и да работиме тука. Овој крај има нешто посебно – повеќејазичноста е нормална, секој од нас има мешан идентитет и во последните 20 години тоа веќе не е срамота, туку вистински противотров за национализмот и централизацијата. Но, работејќи од Удине, веднаш сфативме дека не сме во центарот на вниманието, дека никој нема да ни се обрати, дека книгите тешко оти ќе ни бидат изложени во книжарниците надвор од нашиот контекст и дека никој нема ни да ги рецензира. Зошто? Затоа што вистинскиот центар за северна Италија, барем што се однесува до книгите, е Милано, потоа Рим, па Болоња, особено за книжевност за деца. Полека, менувајќи ги дистрибутерите на секои две години и наоѓајќи го патот до читателот, успеавме да дојдеме до вистинска дистрибуција, до синџирите на книжарници и до самостојните книжарници, така што сега можеме да кажеме дека нашите книги можат да се најдат на целото подрачје на Италија, а ако ги нема, секако можат да се нарачаат на различни начини. „Ботега еранте едициони“ повеќе не е локален бренд, туку национално позната издавачка куќа, иако сè уште мала.
Кои современи балкански автори се ваши „ѕвезди“ и колку сте задоволни од интересот на италијанската публика за нив?
Тука треба да се издвојат старите и познати писатели и новите појави. Иво Андриќ сигурно е автор кој сите читателите го познаваат или барем го слушнале неговото име; покрај него би го споменала и Меша Селимовиќ. Но, современи ѕвезди се секако Славенка Дракулиќ и Миленко Јерговиќ, кои публиката веќе долго ги познава. Во последните неколку години кај нас многу добар прием имаат книгите на Роберт Перишиќ (наскоро излегува и преводот на неговиот нов хит-роман Брод за Исa) и Марина Вујчиќ (Прашање на анатомија и Соседот), како и првите книги на автори како Горан Марковиќ (Белградско трио) и Дина Пешута (Татин син). Во нашиот каталог имаме разни први романи на автори од новата генерација, кои потешко се пробиваат кај нас, ама продолжуваме со работата на промовирање на новите генерации и новите стилови на пишување.
Колку е важна меѓународната активност, вмрежувањето и поврзувањето со луѓе за откривање на значајни автори и дела кои стануваат дел од вашите издавачки планови?
Многу е важна – не само лично, колку можам да патувам на странските саеми, фелоушипи и фестивали и да ги запознавам директно издавачите, авторите, агентите, туку и колку нашите преведувачи ги следат новите изданија, награди и ги познаваат авторите и авторките, па можат да ни понудат романи кои се вклопуваат во нашиот каталог. Верувам во соработка и во „фер плеј“ и мислам дека можеме да градиме добри мрежи меѓу професионалците кои имаат иста цел: добра книжевност до читателите!
На Саемот на книгата во Скопје, за време на Фелоушип-програмата на МАИ (9-11 мај 2025 г.)
Дали при посетата на Саемот на книгата во Скопје откри нови автори што ти се видоа интересни за италијанската публика?
Тоа е многу тешко да се каже за толку кратко време, но препознав дека Румена Бужаровска е сигурно женскиот глас што може да има добар одек кај нас, Лидија Димковска во срцето на сите нејзини романи има теми како што се повеќејазичност и повеќеидентитетност кои ни се драги; Петар Андоновски веќе е познат во Италија кај голем издавач. Ми беше интересно и да разговарам со издавачите кои имаат мала или воопшто немаат меѓународна соработка, но издаваат квалитетни книги. Добив еден куп материјали кои морам да ги проучам!
Кои се твоите следни предизвици – и на личен и на професионален план?
Бидејќи италијанскиот пазар се менува и публиката сè повеќе ја интересира книжевноста од Азија и особено од Кореја, лично ме интересира да откријам кои се предизвиците на тој вид литература; продолжувам со проучување на драмската книжевност (иако во „Ботега“ немаме ниедна драмска книга) од Балканот.
Најмногу би сакала балканската книжевност да стане моден феномен во Италија, бидејќи знаете, тоа би значело дека нашите книги барем еднаш би се нашле во центарот на вниманието. Можеби само за кратко време, но би било добредојдено!