Изгрејсонце
Дали се сеќавате каде сте го виделе најубавото изгрејсонце на светот? Без разлика каде сте ги посведочиле првите зраци на зората, живописните улици на големите метрополи не се споредуваат со жолто-портокаловите нијанси што фрлаат топол сјај врз малото село Радожда. Скриено зад планината Јабланица, на брегот на Охридското Езеро се наоѓа најубавото село во нашата земја. Овде, додека утрото полека се буди над езерото и чуновите нежно се нишаат на тивкото ветре, се доживуваат вистински мистични мигови. Изгрејсонцето во Радожда е вистински спектакл за гледање.
Историја и геопозиција
Селото е сместено во близина на Струга и излегува директно на западниот брег на Охридското Езеро. Во летните периоди селото е посетено од туристи и се чувствува раздвижена енергија низ малите сокачиња и ресторанчињата. Меѓутоа, вистинската идила на Радожда најмногу може да се почувствува во преостанатиот дел од годината. Мирниот пејзаж на брегот на езерото повикува на спокојно бегство од секојдневието. Затоа, за посета, нема да згрешите ако одберете и период од годината што не влегува во туристичката сезона.
Селото Радожда е историско село. Според записите на свештениците од охридската околина, се верува дека селото постоело малку пред средновековниот период, некаде во десеттиот век од нашата ера. Според изворите, селото се споменува под името Радобужда. Добрата местоположба и близината на езерото биле важен извор на храна и тоа ги натерало селаните да се преселат покрај него и тука да ја формираат новата населба, што подоцна ќе стане Радожда.
Жителите на Радожда се занимавале со второстепени и третостепени стопански гранки, како туризмот и занаетчиството. Селото има и свое основно училиште во кои учат околу стотина ученици. Во Радожда се говори на посебен дијалект со свои одлики, што во македонската дијалектологија е познат како вевчанско-радошки дијалект, што спаѓа во подгрупата на западни периферни говори на западното наречје на македонскиот јазик. Вевчанско-радошкиот дијалект е многу сличен со струшкиот и со охридскиот дијалект.
Мирен ден покрај езерото
Како што веќе заклучивме, една од главните карактеристики на Радожда е нејзината неверојатна местоположба покрај брегот на едно од најстарите и најдлабоките природни езера во Европа. Активностите што можете да ги истражувате додека сте во Радожда се во голем број. Без разлика дали ќе се сончате на каменестите плажи или, пак, ќе кајакувате по мирните води на езерото, спокојниот амбиент на Радожда може да се вкуси и преку нивната уникатна храна, особено традиционалното охридско макало и пастрмката.
Вкусен локален појадок
Она што навистина ја издвојува Радожда се топлината и гостопримството на нејзините жители. Храната е подготвена од вредните раце на селаните. Риболовот е примарното занимање на жителите. Децата уште од мали нозе ги учат техниките и вештините за ловење риба и помагаат во подготвувањето на храната.
Ниту една посета на Радожда не би била целосна без да се пробаат вкусните кулинарски понуди: од свежо уловена риба сервирана во традиционалните ресторанчиња покрај езерото сѐ до домашни колачи со локална арома. Тука задолжително спаѓа познатата охридска пастрмка, регионален специјалитет познат по својот препознатлив вкус и текстура, како и традиционалното охридско макало, чија рецепта е генерациски зачувана.
Покрај вкусната риба, во Радожда расте и овошката оскоруша или попозната меѓу народот како скоруша. Непозната за многумина, оскоруша често се поистоветува со мушмула, дива круша или смоква, токму поради тоа што плодот може да се јаде откако убаво ќе презрее. На нашата прошетка во Радожда, бабите ни раскажаа како прават чај од билката оскоруша, што ја наоѓаат во планинските предели на Охридско-струшкиот регион. Оскорушта има вкус на суво грозје и служи за јакнење на имунитетот.
Авантури на отворено и истражување на природата
За љубителите на природата, Радожда служи како одличен избор за ескапизам од рутината на секојдневието. Панорамскиот поглед на езерото и околните планини отвораат простор за препознатливото охридско-струшко параглајдерство. Оние што тргаат по душевен мир можат медитативно да го практикуваат планинскиот велосипедизам и искачувањето по карпи – сето тоа во заднината на прекрасните природни пејзажи на Радожда и погледот кон Националниот парк Галичица.
Културни и историски богатства – тесните улици и сокачиња
И покрај маленкоста, Радожда може да се пофали со богато културно наследство што датира векови наназад. Додека талкате низ селските улици ќе наидете на необични камени куќи украсени со шарени цвеќиња, низ чии прозорци ѕиркаат љубопитните очи на домаќините.
Пештерна црква „Св. Архангел Михаил“
Скриена меѓу карпите во селото Радожда, пештерската црква „Св. Архангел Михаил“ е една од најпознатите цркви во регионот. Со поглед кон живописниот брег на Охридското Езеро, малата небаре маскирана црква во карпите датира од тринаесеттиот век и претставува богато културно и религиозно наследство на земјата. Православната црква е насликана со иконографски фрески што го преживеале забот на времето и се доказ за средновековна уметност во македонскиот регион, како и на верските традиции во земјата. Истрошените фрески прикажуваат сцени од Библијата, вклучувајќи ги ликовите на Исус Христос и Богородица, како и разни други светци. Најголемиот дел од откриените фрески потекнуваат од четиринаесеттиот век, а особено се истакнува единствената зачувана композиција од тринаесеттиот век, „Чудото во Хона“, насликана во чест на патронот кому е посветена црквата. Скриена подалеку од главниот пат, пештерата „Св. Архангел“ не е само историски локалитет туку и свет простор каде што времето се чини дека запира и нуди светилиште за тивко размислување и интроспекција. Од фреските можат да се чујат звуците на минатото што се одгласуваат со тивок шепот. Ветерот од езерото го стишува сјајот на свеќите, притоа фрлајќи етерични сенки на ѕидовите. Црквите ги конзервираат приказните од минатите векови. Овде, во студените ѕидови на црквите, посетителите не можат а да не почувствуваат чувство на поврзаност со нешто што е поголемо од себе. Покрај карпестата црква, во Радожда има уште неколку цркви: „Св. Никола“, „Св. Петка“, „Св. Илија“, „Св. Богородица“ и „Св. Недела“.
Виа Игнација
Во близина на Радожда сѐ уште може да се види помошниот патен правец, Виа Игнација, граден во 146 година н.е. Денес, радожданци „газат“ на познатиот историски пат што некогаш ги поврзувал западниот и источниот свет, од Рим до Истанбул. Опкружен со бујно зеленило и вегетација, патот опстанува сѐ до денес и може да се посети.
Вавилон
Годинешната резиденција за книжевен превод – „Вавилон“ се одржа во Радожда, од 17 до 21 април, каде што 14 студенти и 4 ментори дискутираа и решаваа различни јазични и преведувачки ситуации. Убавото време и атмосферата им послужи на студентите да се инспирираат и да навлезат подлабоко во тајните на преведувањето.
Доротеа Огненовска