СТУДЕНТСКА УМЕТНИЧКА ПРОЛЕТ - Europe House

30 Апр

BACK

СТУДЕНТСКА УМЕТНИЧКА ПРОЛЕТ

СТУДЕНТСКА УМЕТНИЧКА ПРОЛЕТ

Оваа година, Студентската уметничка пролет, во организација на Europe House, ги сплоти уметничките факултети за да ја прослават уметноста заеднички. Студентската уметничка пролет се организира по повод Интернационалниот ден на уметноста – 15 април. Europe House го прославува светскиот ден на уметноста со низа културно-уметнички настани. На тој начин, преку овие настани, се потенцира големото влијание што го има оставено уметничкиот израз врз нашата земја. Ова беше одличен повод за студентите да ги покажат своите таленти и да истражат подлабоко во нивните соодветни области на интерес и така да поттикнат креативно чувство во уметничката заедница.

Студентска уметничка пролет

Што претставува Студентската уметничка пролет? Накратко кажано, Студентската уметничка пролет е уникатна прослава на младешката енергија преку универзалниот јазик на уметноста. Студенти од различни уметнички факултети се сплотија и ги претставија своите креации преку многуте облици на уметничката форма. Овој интердисциплинарен пристап го поддржа Europe House и за таа цел организираше четиринаесет настани што временски и просторно се распространија низ градот Скопје во текот на две недели во периодот од 11 до 26 април. Универзитетското студентско собрание при УКИМ учествуваше во организацијата на настаните за Студентската уметничка пролет. Студентската уметничка пролет ги спои Факултетот за драмска уметност, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Преиспитувајќи ги границите на уметничката креација, студентите ги истражуваа полињата на музиката, книжевноста, филмот, сликарството и театарот. Сите учесници беа дел од едно прекрасно патување низ институциите, каде што студентите и професорите ги доближија различните видови на уметничко творештво на интересен и на заемно интегриран начин. Овие сесии служеа како „уметнички катализатор“ за понатамошни дискусии, инспирирајќи ги студентите да истражуваат нови начини на креативност и критички развој, препуштајќи се на убавината и уметноста како главен двигател што не познава граници.

Ретроспектива на настани

За време на сите овие настани се почувствува синергија помеѓу различните уметнички форми, збогатувајќи го искуството на публиката и нагласувајќи ја меѓусебната поврзаност на студентите и уметностите. Во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје се одржа првото предавање на професорот д-р Ристо Солунчев под наслов „Уметничкото дело како празник“. Со ова предавање официјално почна серијалот настани во рамките на Студентската уметничка пролет. Потоа продолжија серија предавања чии тематски дискусии го тангираат прашањето на музиката, визуелните уметности и новите медиуми.

Следниот настан беше отворање на изложбата со ликовни дела на студентите од Факултетот за ликовни уметности, кои, заедно со студентите од Факултетот за музичка уметност, во прекрасниот амбиент на Сули ан ги изложија своите уникатни творби што беа отворени за посетителите од јавноста. Звучната инсталација, заедно со насликаните дела, создадоа уникатна уметничка хармонија и го збогатија амбиентот за оваа пригода. Преку сиот тој збир на слики, графики, цртежи, инсталации и дигитални дела, публиката се запозна со естетскиот и уметничкиот печат на новата генерација уметници. Опкружувањето дозволи подетално да се искусат авторските дела работени во повеќе техники, оставајќи простор да се пренесе креативниот глас на младите уметници.

На 15 април се одржаа неколку предавања. Предавачите ги изложија своите тези во предавалните на факултетите што не им се матични по нивната струка и на тој начин направија „интердискурзивна“ академска прошетка. Во салата за седници на ФлФ се одржа предавање на Јулијана Деспотовска на тема „Музикотерапија“, која говореше за начинот на кој музиката терапевтски може да влијае врз нервниот систем на човекот. Предавањето што следуваше во галеријата на ФЛУ го одржа професорката д-р Мира Беќар на тема „Музичките жанрови и општествените класи“, нудејќи интересна перспектива на социолошкото значење, односно интерпретација на музиката. Во концертната сала на ФМУ, последното предавање на денот на професорот д-р Вангел Ноневски ги истражуваше актуелните теми на денешницата со наслов „Ремикс култура, уметност и нови медиуми“.

На 18 април, во аулата на ФлФ, се отвори инсталацијата „Скриени дела и спомени – откривање“ на студентите од Факултетот за ликовни уметности.

Следниот ден, на 19 април, богатата програма почна со концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност, каде што настапија студенти по гитара од класата на професорот м-р Дарко Багески и студенти по хармоника од класата на вонредниот професор м-р Златко Мадевски. Вечерта продолжи со испитот по предметот актерска игра 4 на студентите од Катедрата за актерска игра во класата на професорката д-р Сузана Киранџиска и вонредната професорка д-р Кристина Леловац. Впрочем, на сцената на ФДУ се одиграа еклектични настапи, каде што студентите ја проследија изведбата на „Требаше да имаме текст“. Големата публика ја поддржа младата изведувачка сцена со својот громогласен аплауз. Вечерта заврши со несекојдневниот диџеј-сет на талентираниот Јован Вуковиќ.

На 23 април, врнежливото време не ја спречи прославата за Светскиот ден на книгата и авторското право, каде што се одржа заедно со предавањето за Шекспир на Дејвид Гир, шефот на делегацијата на Европската унија, во аулата на ФлФ. На истото место, амбасадорот на кралството Шпанија, Хозе Луис Гарсија, нѐ воведе во светот на шпанската книжевност со акцент на Сервантес и неговата улога во ренесансниот развој на светската литература.

Оваа студентска уметничка пролет организираше и две филмски проекции на Техничкиот кампус на УКИМ на т.н. Кино на отворено, каде што се емитуваа филмовите „Тага“ во режија на Тина Величковиќ и „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов.

Последниот ден, на 26 април, во салата за седници на ФлФ го ислушавме предавањето на д-р Гоце Наумов – „Стратиграфија на музиката: предисториски основи на ритамот“.

Студентската уметничка пролет се затвори со поетско-музичка вечер по повод Светскиот ден на џезот во бифето на ФДУ. На убавиот настан бевме сведоци на џез-ентузијасти чии мелодии и импровизации се вклопија со поезијата на младите талентирани книжевни творци. Комбинацијата на читање поезија и свирењето џез-музика во заднината се покажа како одлична комбинација.

Во текот на овие две недели кампусот стана центар на интердисциплинарни средби и изведби. Театарските претстави ги сплотија театарот, музиката и книжевноста. Серијата интердисциплинарни предавања овозможија подлабок увид во темите на академските истражувачи. Професорите ги споделија своите знаења, давајќи интересни перспективи за пресекот на уметноста, културата и општеството. Почнувајќи од драмските поставки, сѐ до музичките концерти, секоја уметничка (ре)презентација на сцената понуди уникатен поглед во безбројните аспекти на уметноста и нејзината општествена примена.

Соработката меѓу факултетите ја потврди трансформативната моќ на уметноста да ги сплотува и да ги надминува границите, притоа користејќи ги најмоќните алатки на денешницата: уметноста и јазикот. Овие алатки се важни за нашата култура, пред сѐ за откривање нови светски визури и стекнување заемна почит меѓу уметностите. Надвор од сцената и предавалните вриеше од убава енергија додека студентите ги покажуваа своите уметнички потфати гордо пред публиката, а гледачите и слушателите уживаа во секој споделен миг. Настаните на Студентската уметничка пролет уште еднаш докажаа дека во нашата земја младите умеат да го пренесат сензитивниот дух на креативноста, љубопитно истражувајќи го непресушниот извор на уметничкиот чин.

Во академскиот пејзаж, каде што креативниот импулс не познава граници, комбинацијата на различни дисциплини резултираше во уште една поинтересна комбинација на уметнички перспективи: Студентска уметничка пролет. Без разлика дали станува збор за музичко-поетска изведба или за книжевно предавање на уметнички теми, студентите ја искористија можноста да ги прошират своите хоризонти и да го ослободат својот креативен потенцијал.

 

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!