Студентите се срцето на УКИМ - Europe House

27 Ное

BACK

Студентите се срцето на УКИМ

Студентите се срцето на УКИМ

Europe House  во соработка со Умно.мк ја почнува рубриката „Надреден знак“ во која секоја последна среда во месецот, интелектуалци од одредена област ќе пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, воден од визијата за создавање генерации кои со своето знаење ќе ја унапредат социо-економската состојба во државата, издвојува голем дел од својот буџет за поддршка на студентските активности и проекти. Со овие средства УКИМ ги опфати сите академски, културни и спортски полиња, отворајќи нови можности за сите свои студенти, од различни факултети, да го покажат својот потенцијал и да остават траен впечаток на домашната и меѓународната сцена. Универзитетот посветено работи на континуирано унапредување на можностите за студентите.

Студентите се срцето на нашата институција, а нивните успеси се најголемата потврда за нашите заложби. Верувам дека преку поддршка на ваквите иницијативи, ги поттикнуваме студентите да го развијат својот интелектуален потенцијал и да се позиционираат како клучни актери во решавањето на глобалните предизвици.

Улогата на универзитетите во развиените општества e да создаваат стручњаци за „новото време“ и за новонастанатите потреби на пазарот на трудот, да се вмрежуваат и да вршат дисеминација и трансфер на знаење кон студентите и кон заедницата. Студентите секогаш ќе бидат смислата на нашето постоење. Тие ни се на прво место. Работата со студентите, слушањето на нивните проблеми, приоритети и идеи е особено важна задача и наша должност. Вклучувањето на студентите во сите активности на Универзитетот продолжува да биде наша определба и во иднина. Мисијата на Универзитетот е да обезбеди не само врвно образование и исклучителни знаења, туку и највисоки компетенции и да ги подготви своите студенти за пазарот на трудот.

Наставата и квалитетот на наставата отсекогаш биле приоритет преку кој придонесуваме за интелектуалниот и професионален развој на студентите. Но нашата наставничка дејност не завршува тука, денес повеќе од кога било мораме да го употребиме нашиот авторитет и во услови на големи предизвици пред кои сме исправени сите ние, да им го покажеме вистинскиот пат. Да ја поттикнуваме нивната инклинација кон знаење, стремежот кон континуирано учење и надградба и да им покажеме дека знаењето е трајна вредност, сила и моќ. УКИМ промовира интелектуална средина во која се ценат и почитуваат, пред сѐ, вистинските вредности, средина во која се почитуваат и прифаќаат разликите меѓу луѓето, посветеноста на знаење и развојот на човечки вредности.

Академското знаење претставува основа на сите клучни компетенции што ги бара пазарот на трудот, но денес тоа не е доволно. Рамнотежата меѓу академското знаење, практичното know-how и меките вештини мора да биде специфична за секоја образовна програма зависно од научното поле, таргетираните компетенции, таргетираните работни места, социо-економското опкружување итн.

Затоа, УКИМ останува фокусиран на отворање можности кои ќе ги инспирираат креативноста и иновативноста кај младите. Горди сме и на соработките со европски културни центри и институции, како што е Europe House. На 22 мај годинава, по повод одбележувањето на 75-годишнината од основањето на УКИМ, а по повод Денот на Европа 2024 година, беше организиран концерт за студентите наречен „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“. Концертот претставуваше автентично музичко патување низ историјата на домашната рок и поп-антологија.

Исто така, значајна е да се спомене и финансиската поддршка на Europe House на меѓународните студентски средби „Скомрахи“ при Факултетот за драмски уметности, кои годинава се одржаа под мотото „Дионизија сега“. Оваа манифестација беше вистинска радост за студенти од осум држави.

Особено сме горди и сакам да ги истакнам постигнувањата на нашите студенти на меѓународни натпревари во различни научни области, што е доказ дека знаењето што го стекнуваат на УКИМ високо се вреднува во меѓународни размери.

Најистакнатиот успех во тековната академска година го постигна тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој учествуваше на меѓународниот натпревар по меѓународно право и меѓународни трговски спорови „Phillip C. Jessup Moot Court“ во Вашингтон, САД. Тимот, составен од пет студенти и двајца ментори, го оствари најдобриот пласман досега, постигнувајќи го 45. место од над 600 правни факултети од целиот свет кои учествуваа на натпреварот. Правниот факултет првпат се пласира во елиминационите рунди на овој престижен натпревар. За оваа активност, УКИМ обезбеди поддршка за целосно покривање на патните трошоци и трошоци за сместување на сите студенти што учествуваа во натпреварот, како и за нивните ментори.

Со успехот што го постигнаа студентите на натпреварот „Phillip C. Jessup Moot Court“ се демонстрираа силните заложби на УКИМ за квалитетна едукација и за глобална видливост на своите студенти, потврдувајќи ја мисијата за создавање експерти подготвени за меѓународната сцена.

Меѓународниот натпревар „RoboMac“ 2024, кој се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), привлече 61 студент од ФЕИТ, ФИНКИ и Машинскиот факултет. Студентите, распределени во 22 тима, се натпреваруваа во пет категории поврзани со роботика, електроника, автоматика и вештачка интелигенција. Дополнително, на „RoboMac“ 2024 учествуваа и средношколци преку паралелната програма „РобоМак јуниор“, каде што 54 ученици од 26 средни училишта од Северна Македонија се натпреваруваа во автономна мобилна роботика и паметна електроника.

Поддршката за „RoboMac“ ја прикажува стратегијата на УКИМ за развој на иновативни технологии и едукација во области со висока додадена вредност, со што се инспирираат новите генерации инженери и се поддржува технолошкиот напредок на Северна Македонија.

Тим од 20 студенти од Машинскиот факултет и ФЕИТ го претставуваше УКИМ на „Formula Student Alpe Adria“ во Велика Горица, Хрватска, каде што учествуваа 51 тим со над 1.000 студенти од најпрестижните универзитети во Европа. Активност која беше безрезервно поддржана од УКИМ. Тимот MES Racing, кој првпат учествуваше на ваков натпревар, успеа да развие болид за само шест месеци, по што доби пофалби од судиите и конкурентите.

„Formula Student“ е натпревар кој ги поттикнува тимскиот дух, иновативноста и инженерската прецизност кај студентите, со што претставува значаен чекор напред за претставување на македонскиот талент на индустриската сцена.

Тимот на „Formula Student“ оваа година ја доби наградата „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје, што е уште една потврда за успехот и постигнувањата на нашите студенти и нивните ментори.

УКИМ го поддржа и тимот на студенти од Природно-математичкиот факултет, под водство на еден асистент на 18. Математичка олимпијада за студенти од Југоисточна Европа (SEEMOUS 2024). Студентите го покажаа своето знаење, натпреварувајќи се во конкуренција од повеќе универзитети од Југоисточна Европа, при што еден од учесниците беше само еден поен под границата за награда. Со учеството на SEEMOUS се потврди квалитетната едукација што ја нуди УКИМ во секое поле, прикажувајќи ги талентите и потенцијалот на македонските студенти на меѓународната сцена.

Во текот на академската година УКИМ поддржа и учество на студенти на меѓународни семинари, конференции и обуки од повеќе сфери, како што се семинарот „Expert Evidence in Civil Procedure“ во Краков, Полска, и меѓународната конференција за енергетска ефикасност СКЕЕОР 2023 и СКЕОР 2024.

Поддршката за овие активности ја рефлектира посветеноста на УКИМ кон отворање врати за студентите да ја збогатат својата едукација со светски перспективи.

Дополнително, УКИМ ги поддржа и сите културни и спортски активности, како и други манифестации организирани од факултетите, факултетските студентски собранија и УСС. Исто така, Универзитетот ги поддржува и другите активности во кои учествуваат студентите, како „Градежнијада“, „Агрономијада“, „Машинијада“ и други.

Овие вложувања сведочат за определбата на УКИМ да создаде баланс меѓу академскиот успех, културното изразување и спортскиот дух, што претставува суштински дел од личниот и професионален развој на студентите.

УКИМ останува посветен на континуирано унапредување на можностите за студентите преку финансиска и организациска поддршка, создавајќи основа за развој на иновативноста, глобалната компетитивност и лидерските вештини кај новите генерации.

проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Subscribe To our newsletter!