СВЕТСКИОТ ДЕН НА МАТЕМАТИКАТА ИЛИ ДЕНОТ НА БРОЈОТ ПИ - Europe House

14 Мар

BACK

СВЕТСКИОТ ДЕН НА МАТЕМАТИКАТА ИЛИ ДЕНОТ НА БРОЈОТ ПИ

СВЕТСКИОТ ДЕН НА МАТЕМАТИКАТА ИЛИ ДЕНОТ НА БРОЈОТ ПИ

Математиката е универзалниот јазик на човештвото. Секоја година, на 14 март, светот го слави Светскиот ден на математиката, или уште познат и прославен како Денот на Пи. Идејата за прославување на Денот на Пи првпат се појавила во 1988 година кога физичарот Лери Шо (Larry Shaw) го организирал првото официјално одбележување на овој ден во Експлораториум, музејот за технологија и наука во Сан Франциско. Речиси триесет години подоцна, во 2019 година, УНЕСКО официјално го прогласи 14 март за Светски ден на математиката, бидејќи овој датум го одразува првото приближување, односно апроксимација на π (3,14).

Што претставува бројот Пи?

Бројот Пи (π) е математичка константа која го претставува односот меѓу обемот и дијаметарот на една кружница. Пи е ирационален број, што значи дека неговите децимали се бесконечни, никогаш не завршуваат и не се повторуваат; со други зборови, не следат никаков предвидлив образец. Оваа карактеристика го прави Пи еден од најфасцинантните броеви во математиката. Најчесто се користи приближната вредност 3,14159, но досега се пресметани над билион негови децимали со помош на компјутер. Датумот 14 март е избран поради неговата сличност со првите три цифри на бројот Пи (π), приближно 3,14. Оваа математичка константа претставува суштински елемент во многу научни дисциплини и е симбол на бесконечноста и мистеријата на математиката.

Историјата на бројот Пи датира од античките цивилизации. Египќаните и Вавилонците користеле различни приближни вредности за константата, а грчкиот математичар Архимед бил првиот кој преку геометриски методи успеал да се доближи до неговата точна вредност. Подоцна, низ вековите, различни математичари од повеќе култури продолжиле да го проучуваат и да го прошируваат нашето разбирање за оваа константа. Пи се појавува во многу формули во геометријата, тригонометријата и математичката анализа. Научниците го користат Пи во многу различни области на науката и инженерството: во тригонометријата, да ги пресметаат орбитите на планетите и сателитите, да ги разберат својствата на светлината и звукот, во електромагнетизмот (равенките на Максвел), во термодинамиката и механиката на флуиди, при дизајнирање мостови и механички структури, но и при изградба на згради. Пи наоѓа практична примена и во економијата и статистиката (при анализа на финансиски пазари), во биологијата и медицината ( моделирање на биолошки циклуси и ритми, како што се срцевите отчукувања и скенирање со магнетна резонанса), а мошне интересно, Пи се појавува и во употреба во секојдневниот живот: кај ГПС и навигациските системи, како и во мерење на брзината и движењето на возилата.

Во книжевноста и уметноста бројот Пи (π) често се користи како симбол на бесконечноста, ирационалноста и вечната потрага по скриените вистини на универзумот. Еден од најпознатите примери во филмската уметност е филмот „Πи“ (Pi) на Дарен Аронофски од 1998 година. Филмот е психолошки трилер кој ја следи приказната на Макс Коен, генијален, но параноичен математичар кој верува дека сè во универзумот може да се објасни преку броеви и математички шеми. Неговата опсесија да ја пронајде тајната нумеричка формула што го опишува светот е клучен дел од неговите истражувања за бројот Пи. Во филмот, бројот Пи служи како симбол на хаосот и човечката потрага по совршената форма во природата. Освен во филмот на Аронофски, бројот Пи е инспирација за многу уметници и писатели.

Во поезијата постои посебен жанр таканаречен „пи поезија” (pi poetry), каде што бројот на букви во секој збор ја следи низата од цифрите на Пи, а додека во визуелната уметност Пи често се користи во апстрактни и геометриски дела за да ја прикаже дихотомијата меѓу хаосот и космосот во природата. Познат е и романот „Life of Pi“ (2001) на канадскиот автор Јан Мартел, кој преку ликот на младиот чувар во зоолошката градина Пи ја отсликува човековата истрајност низ врската помеѓу човекот и природата, при што Пи ќе биде „заглавен“ на бродот со дивиот тигар, Ричард Паркер.

Интересни факти за бројот Пи

  1. Бројот Пи е ирационален, што значи дека неговите децимали не следат никаква повторувачка шема.
  2. Во 2019 година научници пресметале 31,4 билиони децимали на π со помош на суперкомпјутер.
  3. Алберт Ајнштајн е роден на 14 март – Денот на бројот Пи!
  4. Некои луѓе се натпреваруваат во меморирање што повеќе децимали на π – додека светскиот рекорд засега надминува 70.000 децимали.
  5. Архимед бил првиот кој развил метод за пресметување на π со употреба на многуаголници.

Зошто математиката е важна?

Математиката е една од најзначајните и највлијателни науки во човечката историја. Светскиот ден на математиката се одбележува на различни начини низ целиот свет. Училиштата и универзитетите организираат натпревари или предавања за да ги поттикнат младите да ја истражуваат оваа дисциплина. Во секоја сфера од животот, без разлика на професијата, математиката ја наоѓа својата практична примена. Може да се рече дека бесконечниот потенцијал на науката е да ги содржи сите други науки во себе и истовремено да биде дел, т.е. конструкт на секоја поединечна наука што постои во светот. Благодарение на математиката, се буди логичкиот начин на размислување, кој нѐ учи на критичко размислување и решавање проблеми, а нѐ поттикнува и на аналитички пристап кон различни предизвици. Таа ни помага да ја разбереме сложеноста на светот околу нас и без неа современите достигнувања во инженерството, медицината, физиката, информатиката и многу други области би биле незамисливи. Истражувањата покажуваат дека математичката писменост е клучен фактор за успех во 21 век бидејќи го надградува и го поттикнува логичкото расудување и разбирање на проблемите. Затоа, нејзината важност не се согледува само во формулите и равенките, туку и во секојдневниот живот, каде што ни помага да донесуваме подобри одлуки и да го разбереме светот подетално. Математичките модели се користат за да се предвидат временските услови, да се дизајнираат авиони и да се развијат нови лекови. Во секојдневниот живот математиката ни помага да управуваме со нашите финансии, да готвиме, да патуваме и да донесуваме промислени одлуки, додека во уметноста и музиката математичките принципи се користат за да се создадат хармонични композиции и визуелно впечатливи дизајни.

Светскиот ден на математиката е потсетник за убавината и моќта на математиката. Тој е ден кога го славиме универзалниот јазик на науката и неговиот придонес кон нашето разбирање на светот. Во денешниот свет математиката е основа за сите други науки и таа продолжува да расте со развојот на вештачката интелигенција. Светскиот ден на математиката ги поттикнува младите луѓе да се заинтересираат повеќе за оваа дисциплина и да ја препознаат нејзината убавина и практична примена. Овој ден, 14 март, е официјално признание за улогата на математиката во нашето секојдневно постоење и нејзиниот придонес кон човечкиот напредок.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!