Светскиот ден на антропологијата: Науката што нè учи што значи да се биде човек - Europe House

14 Фев

BACK

Светскиот ден на антропологијата: Науката што нè учи што значи да се биде човек

Светскиот ден на антропологијата: Науката што нè учи што значи да се биде човек

Светскиот ден на антропологијата се прославува секоја година, но оваа 2025 година се одбележува на 16 февруари. Антрополозите ширум светот целат да го разберат нашето човечко потекло и да одговорат на прашањето што го чини човекот посебен и уникатен од другите животински видови. Иако постојат многу причини за проучување на антропологијата, една од најважните е нејзината способност да ни помогне подобро да го разбереме човештвото во неговата целост – човечкиот микро- и макро-космос. Тука се подразбираат историските корени на концептите, потоа разбирањето и разграничувањето на културните разлики што влијаат врз социопсихолошкиот развој на една индивидуа во општеството и надвор од него. Антропологијата нè учи како луѓето ги создаваат своите заедници, како комуницираат, како се приспособуваат на различни околности и како нивните верувања и практики се менуваат низ времето. Проучувањето на минатото е првиот чекор за разбирање на сегашноста. Затоа и антрополошките науки даваат продлабочен увид во културните, социјалните и биолошките аспекти на човечкото постоење и нивната дијахрониска еволуција низ времето.

Историја на Светскиот ден на антропологијата 

Американската антрополошка асоцијација (ААА) го прогласила Националниот ден на антропологијата во 2015 година. Веќе следната година, празникот бил преименуван во Светскиот ден на антропологијата, со цел подобро да ја одрази глобалната важност на оваа наука, која не се ограничува само на една нација туку има и значење за целиот свет. Денот отсекогаш се одржувал на третиот четврток во февруари и оваа традиција е задржана сѐ до денес. Светскиот ден на антропологијата е време кога наставата е во тек, така што многу универзитети на полето на општествените науки земаат учество преку организирани предавања, дискусии и други настани за да ја истакнат значајната улога на антропологијата во разбирањето на човештвото и глобалните култури.

Каква наука е всушност антропологијата? Антропологијата е мошне комплексна наука што ги истражува луѓето од повеќе различни аспекти. Антропологијата е проучување на луѓето и нивните релации и однесувања во општествата, гледано низ призмата на минатото и сегашноста. Таа опфаќа четири главни гранки: (1) културната антропологија е дел од антропологијата што ги проучува традициите, обичаите и секојдневниот живот на различни народи, потоа, (2) археолошката антропологија ги истражува материјалните остатоци од минатото за да ги разбере древните култури, (3) лингвистичката антропологија го анализира јазикот и неговата улога во општеството, додека (4) физичката (биолошка) антропологија го проучува биолошкиот развој на човекот и неговата еволуција. Сите овие гранки имаат нешто заедничко во себе, а тоа е човекот.

Антрополозите на 20 и 21 век

Може да се заклучи дека антрополозите користат посебен метод во својот пристап за разбирање и истражување на различните аспекти од човечкото искуство. Еден од нив, Франц Боас (1858 – 1942), уште познат и како татко на модерната антропологија и основоположник на културниот релативизам, во своето дело Раса, јазик и култура (Race, Language, and Culture) (1940) тврди дека културите треба да се проучуваат во нивниот сопствен контекст, без да се судат според западните стандарди. Тој ја критикувал биолошката детерминираност и истакнал дека културата има поголемо влијание врз човечкото однесување отколку расните или генетските фактори. Понатаму, структуралистичката антропологија на Клод Леви-Строс (1908 – 2009) ги истражува универзалните структури што ја обликуваат културата, особено во митологијата и јазикот. Во своето дело Дивиот ум (The Savage Mind) (1962), тој сугерира дека луѓето размислуваат во бинарни спротивности (на пример, природа-култура, машко-женско, живот-смрт), кои се рефлектираат во нивните општествени сфаќања за светот.

Во контекст на културната антропологија и половите улоги, Маргарет Мид (1901 – 1978) е позната по своето истражување на културите на Полинезија, особено во книгата Полнолетство во Самоа (Coming of Age in Samoa) (1928). Нејзините студии покажале дека многу од карактеристиките што се сметаат за природни или за биолошки (како што се половиот идентитет и адолесцентното однесување), всушност, се обликувани од културни фактори. Од друга страна, полскиот антрополог Борислав Малиновски (1884 – 1942) во своето дело Аргонаутите од западниот Пацифик (Argonauts of the Western Pacific) (1922) ги документира системите на размена кај домородните народи на Тробријандските Острови. Неговата теорија на функционализмот тврди дека сите елементи на културата имаат одредена функција што помага за одржување на стабилен социјален поредок. Во слична насока, францускиот антрополог и социолог Пјер Бурдје (1930 – 2002) во своето дело Дистинкција: Социјална критика на судот на вкусот (Distinction: A Social Critique of the Judgment of Taste) (1979) ја развива теоријата на хабитусот, задржувајќи се на позицијата дека индивидуите стекнуваат одредени навики и преференции преку својата социјална средина, што потоа влијае на нивните избори и можности во општеството.

Меѓутоа, една од најзаслужните во полето на културната теорија е британската теоретичарка Мери Даглас (1921 – 2007), која го развила концептот на „нечистотијата“. Таа истражува во своето дело Чистота и опасност (Purity and Danger) (1966) како различни култури ги дефинираат концептите на чистота и нечистотија. Таа тврди дека нечистотијата не е објективна категорија, туку културолошка конструкција што ги одразува социјалните граници и ред. Според неа, табуата и правилата за храна, како оние во старозаветната книга Левит (Трета книга Мојсеева), не се архаични или ирационални, туку се дел од логичкиот систем што ја одржува социјалната кохезија. Даглас исто така придонела во економската антропологија со воведувањето на концептот „Културна теорија на ризик“, каде што објаснува како различни општества ги перципираат ризикот и неизвесноста врз основа на нивните социјални структури.

Зошто токму денот на антропологијата?

Антропологијата, како дисциплина што ги проучува луѓето низ времето и просторот, ни помага да разбереме како сме се развивале и како сме изградиле цивилизации, обичаи и верувања што го обликуваат и го дефинираат денешниот свет. Антрополозите играат клучна улога во разбирањето на глобалните прашања, како што се: културната разновидност, миграцијата, социјалната неправда, идентитетот, глобализацијата, климатските промени, нееднаквоста и влијанието на технологијата врз културите. Овој ден е и можност да им се оддаде признание на сите антрополози кои посветено работат за да ги откријат тајните на човештвото. Нивните истражувања ни помагаат да најдеме решенија за предизвиците со кои се соочуваме секојдневно, како и да ја зачуваме културната традиција за идните генерации. Антропологијата нè учи дека, иако луѓето потекнуваат од различни земји и култури, сите, всушност, сме дел од истата приказна.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!