Науката нема пол: Истражувајте, прашувајте, менувајте го светот! - Europe House

26 Фев

BACK

Науката нема пол: Истражувајте, прашувајте, менувајте го светот!

Науката нема пол: Истражувајте, прашувајте, менувајте го светот!

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет

Не постои некој што не слушнал за Марија Кири, првата жена која освои Нобелова награда и единствената што ја доби двапати — за физика во 1903 година и за хемија во 1911 година. И за нејзината ќерка Ирен Жолио-Кири, која ја доби Нобеловата награда за хемија во 1935 година за синтеза на нови радиоактивни елементи. Нивниот придонес е од огромно значење и продолжува да инспирира многу генерации. Но, застапеноста на жените меѓу нобеловите лауреати е далеку помала во споредба со мажите, особено во научните дисциплини. Од 1901 година до денес, околу 60 жени се добитнички на Нобелова награда во различни категории. Околу 30 жени биле наградени во последните две децении – податок што укажува на зголемено признавање на придонесот на жените во различни области. Сепак, и покрај овој позитивен тренд, потребно е да се вложат напори во промовирање на родовата еднаквост во научните и културните сфери.

Оваа година се одбележува 10-годишнина од Меѓународниот ден на жените и девојките во науката (IDWGS) и 30-годишнина од Пекиншката декларација и платформата за акција, два особено значајни датума за промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жените. 11 Февруари, Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, беше одбележан со организирање Глобален женски појадок 2025 (GWB2025). На иницијативата на IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија) се придружија 78 држави со организирање 449 настани, со единствена цел: вмрежување со инспиративни жени за надминување на бариерите за родовата еднаквост во науката. На мапата на Глобалниот женски појадок 2025 се најде и Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а го организира СХТМ.

Жените сè повеќе ја подобруваат својата положба во светската наука, но и понатаму се соочуваат со предизвици. И покрај одреден напредок во последнава деценија, родовата еднаквост во науката останува мисловна именка имајќи предвид дека процентот на жени во научните истражувања е околу 33 отсто на глобално ниво, според податоците на УНЕСКО. Недостигот на родова еднаквост во науката не е проблем што ги засега само жените, туку го ограничува напредокот на научната мисла и влијае врз економскиот развој на земјата и градењето мирно општество.

Имајќи предвид дека жените и девојките на глобално ниво и понатаму се соочуваат со бариери и предрасуди кога е во прашање нивната научна кариера, се наметнува прашањето: Каква е положбата на жените во науката, технологијата и општеството на овие простори?

Во земјите на Западен Балкан родовиот јаз опстојува низ годините на сите нивоа на природните науки, технологијата, инженерството и математичките дисциплини (STEM). Иако постои евидентен напредок во зголемување на учеството на жените во високото образование, тие сè уште се недоволно застапени. Жените сè уште се соочуваат со родови предрасуди во текот на образованието и професионалното напредување во научните области, особено оние во кои традиционално доминираат мажи, како инженерството и технологијата. Жените се недоволно застапени во улога на лидери и на високи истражувачки позиции, а често пати се соочуваат со тешкотии во пристапот до финансиски средства за истражување. Традиционалните општествени очекувања во врска со планирањето на семејството и тешкотиите за воспоставање рамнотежа помеѓу работата и личниот живот може сериозно да влијаат врз одлуката да престанат да се занимаваат со научноистражувачка работа. Каков е одговорот на научната заедница во Северна Македонија за постигнување родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените и девојките како најголем предизвик за човековите права?

Позитивно може да се оцени сѐ поголемото учество на жените во високото образование на студиските програми по природни науки, технологија, инженерство и математика. За илустрација, пред 10 години во наставно-научно звање на ПМФ биле избрани 45,3 отсто жени, во академската 2022/2023 застапеноста е 48,8 отсто, а моментално наставно-научниот кадар го сочинуваат 52,2 отсто жени, што претставува позитивен пример за застапеност на жените во високото образование и природните науки. Почетоците на студиите по хемија ги одбележале мажи, а првата асистентка Јованка Матвеева била избрана во 1951 година. Првите докторски дисертации од жени-научници на Институтот за хемија се одбранети во 1965, од Радмила Ставриќ-Хрисохо и Мира Јанчевска. Бавно се надминувал јазот на родовата еднаквост во високото образование. Во 2014/2015 година во наставно-научно звање биле избрани 32 отсто жени, денес 38,8 отсто од редот на редовни професори се жени, односно жените и девојките сочинуваат 46,2 отсто од наставно-научниот кадар на Институтот.

Моите колешки се раководителки на научноистражувачки лаборатории, раководители и учеснички во национални и меѓународни проекти, а резултатите од својата научноистражувачка работа ги презентираат на конгреси, објавуваат научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание. Тие учествуваат во едукацијата на високомотивирани студенти од областа на хемијата и други сродни дисциплини. Тие се успешни ментори на магистранди и докторанди. Вклучени се во работата на национални тела кои придонесуваат за подобра концепција на образованието во Македонија и поквалитетна животна средина. Претставуваат модел на успешни жени во науката и инспирација за идните студенти.

Позитивно може да се оцени и застапеноста на жените во раководните позиции на факултетот и институтите. Во актуелниот мандат на факултетската управа учествуваат две продеканки и шест раководителки од седум институти. Од основањето, па сѐ до 2000 година раководители на Институтот за хемија биле мажи. Оттогаш досега раководната функција ја извршувале професорките Орхидеја Групче, Слоботка Алексовска, Марина Стефова и јас, Наташа Ристовска.

Извонреден е интересот за изучување на природните науки од страна на девојките. На студиските програми на прв циклус студии на ПМФ се запишале 73 отсто студентки и овој тренд се забележува и при изборот на студиските програми по хемија. Понатамошното образование на втор циклус студии го продолжуваат околу 75 отсто студентки, а на докторски студии во последните пет години овој процент се движи од 60 до 64 отсто. Оваа академска година од вкупно запишани 15 докторанди 11 се жени!

Како може да придонесеме за зајакнување на улогата на жената во науката и поместувањето на границите? Премостувањето на родовиот јаз во науката бара отфрлање на стереотипите за супериорноста на мажите, промовирање на инспиративни жени во науката, поддршка на унапредувањето на жените и поттикнување политики и акции кои промовираат инклузија, различност и еднаквост. Жените од науката и покрај тоа што се соочуваат со предизвици, треба да продолжат да ги поместуваат границите, да ги инспирираат идните генерации и да имаат сѐ посилно влијание во науката. Жените-научници во оваа земја можат да дадат значителен придонес во природните науки и хемијата со поттикнување регионална соработка преку различни програми и иницијативи насочени кон зајакнување на улогата на жените во областите STEM, што ќе придонесе кон остварување на целите на Агендата на ОН за одржлив развој 2030.

За крај, би сакала да упатам порака: Науката нема пол, вашата љубопитност, труд и знаење ја одредуваат вашата способност! Охрабрете се да истражувате, прашувате и да го менувате светот. Време е да ги поддржиме жените-научници, да им дадеме еднакви можности!

Subscribe To our newsletter!