Магијата на Вевчански карневал - Europe House

5 Фев

BACK

Магијата на Вевчански карневал

Магијата на Вевчански карневал

Јануари за Вевчанци е најубавиот месец. Како и секоја година, така и оваа, 2025 година, малото, но гордо село Вевчани се трансформира во сцена излезена од некоја бајковита приказна, каде што фолклорот и традицијата се спојуваат во магичниот Вевчански карневал. Влечејќи корени од старите традиции, карневалот постои повеќе од 1400 години и се повикува на паганските обичаи за одбележување на старата Нова година според Јулијанскиот календар. Главниот концепт на карневалот е да се одбележат циклусите на животот и да се оддаде почит кон природата – типично за многу древни празнувања на балканските територии. Практично, карневалот е театарска претстава под отворено небо, во која учествуваат жителите на селото Вевчани, како и гости од цела Македонија (но, и од светот!). Преку маски и костуми ги „коментираат“ актуелните случувања – од политички гафови и економски апсурди до културни и општествени парадокси. Во центарот на карневалскиот татнеж е хуморот што ја прави целата атмосфера „болно смешна“ и лудо незаборавна. Карневалот е дел од културното наследство на нашата земја, како и препознатлив симбол на селото Вевчани.

Вевчани, село со вековна душа

Вевчани, едно од најживописните села во Македонија. Се наоѓа во подножјето на планината Јабланица, на петнаесетина километри оддалеченост од Струга. Селото е препознатливо по својата автентична архитектура: и тоа камените куќи и тесните, калдрмисани улички што се распространети низ целото село. Една од главните атракции на Вевчани се Вевчанските извори. Изворите се природниот хидролошки систем што го напојува селото, всушност станува збор за неколку извори со чиста вода, опкружени со бујна вегетација. Изворите низ текот на времето станале туристичка атракција во Вевчани. Познато како културен и уметнички центар, Вевчани е дом на многубројни фолклорни приказни и легенди и неслучајно карневалот е главниот настан што ја одбележува годината. Иако во Вевчани живеат околу 2.500 жители, селото особено се истакнува со својот Вевчански карневал, кој секоја година ги слави хуморот и сатирата. Освен природната убавина и културната динамика, Вевчани е познато и по својата независна и горда заедница, која успева да ја зачува автентичноста помеѓу сите други македонски села. Да се посети Вевчани значи да се направи времеплов низ историјата и традицијата на земјата.

Вевчанскиот карневал – долговековна традиција

 Карневалот, уште наречен и „Свети Васиља“ (Василица), е посветен на св. Василиј Велики и се одржува на 13 и 14 јануари, а кулминацијата е на Стара Нова година (14 јануари). На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Секоја година учесниците создаваат рачно изработени маски, најчесто инспирирани од митологијата или од некои актуелни случувања во светот – и секоја година маските се сѐ поиновативни и покреативни. Како пагански обичај, карневалот се зачувал сѐ до денес и благодарение на Василичарите продолжува да го оживува духот на традицијата.

Главната атракција е маскираната парада, каде што учесниците ги презентираат своите долгоподготвувани креации. Всушност, маските се вистинско уметничко дело. На крајот на карневалот, тие традиционално треба да се запалат, што би го симболизирало крајот на старата и почетокот на новата година. Клучната карактеристика на карневалот е хумористичната и сатирична интерпретација на политичките и културните случувања во земјата. Карневалот е целосно организиран од жителите на селото, што го прави мошне уникатен, а останува и недопрен од комерцијализација, што го прави посебен меѓу другите карневали во светот. Секоја година, креативните маски изненадуваат и всушност костумите претставуваат само алатка за себеекспресија, но истовремено и критика на општествените проблеми. Таа пародизација, односно карневализација е типична за паганските ритуали, нешто што останало од старите времиња на територијата на земјата. Оваа своевидна театарска претстава на отворено го рефлектира духот на времето, додека хуморот и сатирата служат како огледало на суровата реалност со којашто се соочуваме везден. Во центарот на целата вечер е необузданиот, нескротлив дух на карневалската магија.

Иако Вевчани е мало место, карневалот привлекува илјадници луѓе од земјата и пошироко. Публиката учествува во карневалот со огромен ентузијазам: каде што многумина се маскираат и стануваат дел од парадата, додека други уживаат како набљудувачи на целата лакрдија. Карневалот го трансформира Вевчани во жив театар, каде што улиците пулсираат со енергија и веселба. Смеата ечи од куќите и од тесните улички, додека мирисот на традиционални јадења и топол греаник се шири низ воздухот. Оваа интеракција меѓу учесниците и публиката ја прави манифестацијата навистина посебна, најмногу поради тоа што ги зближува сите луѓе во духот на заедничката прослава. Во овие два дена, Вевчани станува културен центар каде што хуморот е универзалниот јазик.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!