Europe House во соработка со Умно.мк ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.
Пишува: Драган Б. Костиќ, радионовинар и диџеј
Како и сè друго во светот, и музиката има свои циклични патишта и движејќи се по нив, се менува со општествените, културните, политичките, геополитичките состојби во дадени периоди. Особено со напредокот на технологијата што силно влијае врз промените што стануваат сè подинамични и побрзи, што дури обичниот човек не ги забележува, а ги прифаќа како неминовност. Од доминантните големи оркестри во четириесеттите и педесеттите години на минатиот век, со исклучителни инструменталисти и врвни пејачи, преку рокенролот во раните педесетти години, кој црпејќи влијанија од традиционалните вредности на блузот, џезот, европските музички одгласи донесени од татковините на новокреираните Американци, се создаваа неверојатни хибриди што се вткајуваа во традициите на многу земји. Надградувајќи се и менувајќи се.
Европа во одреден период талкаше зад тие промени, иако имаше извонредни музички урнеци во медитеранскиот мелозвук, во француската сансона, сè до појавата на бумот на британскиот бит, создаван врз сопствените традиционални музички вредности и увезеното прекуокеанско влијание на блузот, џезот, ритам и блузот. Битлс-експлозијата беше еквивалент на истата предизвикана од Елвис Присли во САД, еден неочекувано плоден излез за младите од двете страни на Атлантикот.
Европа како да се прероди, но како своевидна копија на британскиот музички бум. Од друга страна, низ сите популарни периоди се развиваше раниот рокенрол, претворајќи се во посодржинска форма позната како рок, а која почна да се облагородува со непрегледната река талентирани музичари. Тие ја кренаа хибридната можност на многу повисоко ниво на врзување на класичните европски вредности, класичната музика со сета агресија на моќниот ритмичен рок-инструментариум, креирајќи низа нови трендови кои содржински хетерогено се движеа низ времето.
До ова сегашно, кое под наплив на нетипични музички структури предизвикани, пред сè, од хип-хоп културата, не ретко создава квазимодо-креатури. Вредноста на музичката содржина почна драстично да опаѓа, таа не претставува генерално некој особен предизвик, станува инструмент за најплитка забава, без вредност и молскавична минливост. Без нови силни авторитетни личности што ќе предизвикаат нова река млади таленти. Новото време и неговата технологија се креатори на таквата безлична музичка структура која не е способна да биде почитуван двигател како коректор на општествени збиднувања. Бидејќи музиката не е исклучително само забава. Информираноста и едукацијата преку неа се битните фактори за нови предизвици, на нови музички едукатори, но кај нас не им се оддава некое позначајно внимание. Какви ученици, такви и идни професори од нив!
Неодамнешната музичка „Мајска сесија“ под покровителство и организација на Јуроп хаус Скопје покажа еден можен интересен пат, ајде нека е и првично патека по која може да се движи предизвикувачки едукативниот начин на дејствување. Каде во заштита на традиционалните вредности, кои не се само дел од минатото, туку можат да станат и основа за градба на идни содржини, покажа кавер форма како спој на генерации, времиња, подзаборавени вредности.
Пред сè, зачувување на македонското музичко наследство предадено од сегашните генерации за некои идни. Присутноста на платото на УКИМ, пред безмалку двеилјадна публика, кај многумина веројатно ја предизвика мислата дека убавото, доброто, квалитетното не минува, не замира, трае! Добрите одгласи на учесниците и публиката можеби ќе ги предизвикаат луѓето од Јуроп хаус, ќе ги инспирираат за нова испитна сесија на иста (или друга) локација, со други учесници. Успешната мајска секција покажа како треба да се работи со најискрена намера за унапредување на македонската (и севкупна) музичка култура, со императив. Не уништувај го старото, туку гради го новото врз цврстите темели.
Музиката е како глина, може да се обликува според сопствениот интелект и талентот кој сплотен со други такви може да креира и несонувани продукти. Затоа не смее да се заборави аксиомата дека ова што го знаеме е само капка, а преостанатото – море!