Во митологијата богот Дионис се смета за еден од најкомплексните богови од грчкиот пантеон. Во римската митологија Дионис е познат и како Бахус. Покрај тоа што е именуван како бог на виното и веселбата, во старата античка традиција тој е, пред сѐ, бог на театарот и драмата. Дионис уште бил нарекуван и „биволорогиот бог“ и во ликовните репрезентации може да се сретне насликан како неутешлив бик, симбол на плодноста и силата. Според грчкиот мит, Дионис е син на врховниот бог Зевс и тебанската принцеза Семела – што значи тој е полубог-получовек, некаде на границите меѓу смртното и бесмртното царство. Театарот во Античка Грција е тесно поврзан со ритуалното лудило и екстазата и не е случајно што старите Грци верувале дека самиот театар е роден од религиозните фестивали посветени на Дионис, познати како дионизија или дионизиски свечености. Дионис се појавува како инспиративна фигура кај многу уметници, драматурзи и театарски изведувачи низ историјата. Може да се каже дека неговото влијание врз уметноста и театарот го надминува времето.
Како фигура на божественото лудило, Дионис е тесно поврзан со уметничката креација и експресија. Неговите следбеници, кои најчесто биле жени, уште наречени и менади, инспирирани од неговиот дух, се препуштале на екстатично танцување и пеење верувајќи дека на тој начин ќе го дофатат божественото. Менадите го славеле неговиот култ и биле специфична група на вернички кои носеле долги фустани и ги оставале косите расплетени додека трчале низ шумите. При трансот на жртвувањето, ловеле диви животни, ги распарчувале и го јаделе нивното месо, служејќи му на Дионис во тие екстатични ритуали. Низ историјата, уметниците и писателите гледале на Дионис како на муза која ја разбранува имагинацијата и ги критикува општествените норми. Фридрих Ниче, на пример, го толкува Дионис како симбол на дионизискиот дух во неговото дело „Раѓањето на трагедијата“. Ниче ги спротивставува аполонските идеали за ред и хармонија со дионизиската перцепција на хаосот и ирационалноста, сугерирајќи дека големата уметност доаѓа од соединувањето на двете сили. Уметникот, како и Дионис, допира до најдлабоките емоции и дозволува „лудилото“ на креативната енергија да тече, надвор од рационална контрола. Оттука доаѓаме и до најинтригантниот аспект на богот Дионис, а тоа е неговата двојна природа.
Култот кон Дионис
Во најраните прикази Дионис е претставен како зрел маж со брада и елегантна облека, а овој изглед треба да алудира на мудроста и сериозноста што се дел од неговата двојна природа. Меѓутоа, во подоцнежните описи му е даден нов лик на млад и сензуален човек, без брада, со андрогинска убавина што ги предизвикува традиционалните перцепции за пренагласената машкост. Култот на Дионис гледа на богот како на заштитник на сите оние што не се вклопуваат во строгите општествени норми. Тој е спонтан и мистериозен. Така, тој станува симбол на хаосот и неочекуваното – на сè што е надвор од границите на човечкиот разум и припишано на непредвидливата природа на боговите. Оваа двојност е во сржта на дионизиското искуство во уметноста и театарот. Преку Дионис, уметникот се соочува со парадоксот на создавањето: убавина родена од хаос, смрт наспроти живот итн. Самиот театар ја отсликува оваа двојност претставувајќи ги трагичните и комичните аспекти на животот рамо до рамо, откривајќи дека човечкото искуство е сложено и контрадикторно како и самиот бог.
Дионис и театарот
Ликот на Дионис има почитувано место во историјата на театарот. Античките Грци верувале дека самиот театар е роден од религиозните фестивали посветени на него. Овие Дионизиски фестивали ги славеле животот, смртта и повторното раѓање на Дионис преку своевиден натпревар што подоцна станал основа за грчката трагедија и комедија. Грците ја одржувале Градската дионизија во Атина, каде што драматурзите како Ајсхил, Софокле и Еврипид се натпреварувале да ги претстават своите дела во чест на богот. Всушност, самиот поим за трагичното, или трагедија, што во превод значи „песна на јарецот“, се смета дека потекнува од ритуалите кои вклучуваат жртвување на кози во името на Дионис, симбол на плодноста и обновување на животот преку смртта.
Кога античката публика ги гледала драмските претстави на сцена, се претопувала со емотивниот и хаотичен свет на ликовите што предизвикувало состојба на катарза – прочистување на емоциите и душата. Ова трансформативно искуство им овозможило на учесниците да го надминат своето индивидуално јас и да го допрат колективниот дух на човештвото. Така, всушност, театарот станал простор за истражување на мистичната страна на животот, она што не секогаш може научно да се објасни, откривајќи ги најдлабоките стравови и желби на човекот – концепти што самиот Дионис ги отелотворува во својата божествена философија.
Како божествен покровител на трансформацијата, Дионис претставува инспирација на многу уметници од полето на сликарството, книжевноста, музиката и филмот, а за драматурзите и театарските изведувачи низ историјата, Дионис е изворот на човековата експресија. Преку Дионис, уметноста и театарот не се само облици на забава, туку отвораат нова визура, ново гледиште кон светот. Танцот на Дионис е во дослух со ритамот на животот, една вечна состојба на обнова каде што митското, реалното и фикциското постојано се испреплетуваат.
Во духот на поддршката на младите творци и поттикнувањето на културниот дијалог и размена, „Јуроп хаус“ во партнерство со Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ја одбележува петгодишнината од своето постоење. На овој мал јубилеј ѝ се отстапува простор на младата и енергична културна сцена. Oд 1 до 5 ноември, овогодишната манифестација Скомрахи ги поканува студентите од европските академии и факултети да ја истражат моќта на уметноста како алатка за позитивни промени. Уште од своето основање во 1988 година, Скомрахи ги вмрежува студентите низ Европа за да разменуваат идеи и да слават различни култури. За оваа, 2024 година, централната тема е дионизијата и културниот танц на уметноста.
Доротеа Огненовска