Волонтирај и покажи дека си човекољубец - Europe House

26 Дек

BACK

Волонтирај и покажи дека си човекољубец

Волонтирај и покажи дека си човекољубец

Пишува: Денис Јанкуловски, граѓански активист

 

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат

 

Отсекогаш сум сакал да волонтирам, да помагам онаму каде што можам и колку можам. Уште како мал го барав начинот на кој ќе можам да дадам свој придонес. Понекогаш помислувам зошто не се случи и порано, но одамна моја девиза е дека сè се случува тогаш кога треба да се случи.

 

Моментот на мојата директна и вистинска вклученост, кога се пронајдов, иако веќе во своите педесетти години, е кога ја запознав малата Ерато, девојче во аутистичен спектар, која ми ја покажа патеката по која треба да бидам граѓански активист и волонтер. Таа ме воведе во еден необичен, различен свет и ми овозможи секојдневно да запознавам, дознавам, учам и да го зголемувам бројот на моите другарчиња со атипичен и типичен развој.

 

Моето волонтирање е токму на таа тема, односно зголемувањето на свесноста за различностите, за лицата со атипичен развој, нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството. Начинот на кој го правам тоа, секако заедно со една огромна армија волонтери, е преку организирање инклузивни дружби од најразличен вид, на пример, заеднички посети на зоолошката градина или противпожарна станица, работилници на различни теми, новогодишни забави и родендени, како и главниот, најголемиот настан на Школка посветен токму на инклузијата.

 

Зошто волонтирам? Затоа што за мене тоа е еден од најубавите начини да покажеш дека си човекољубец, дека сакаш да помогнеш, да бидеш вклучен во подобрување на квалитетот на нечиј живот, а со тоа и на својот. Таа помош, тоа подобрување некогаш може да ни личи дека се мали нешта, но верувајте, секоја помош е значајна и добредојдена. Некој ќе рече дека во денешно време парите се и повеќе од потребни. Да, но ништо не се споредува со својата исполнетост во срцето и душата, а кога на сето тоа ќе ги додадеш радоста, среќата, насмевките и прегратките кај децата и, секако, кај нивните родители/старатели, љубовта која се шири, множи и споделува, тогаш знаеш дека не е сè во парите. Она што многу ме радува е што на настаните што ги организираме од година на година се зголемува бројот на волонтери индивидуалци, стручни лица, особено сум радосен и горд што е голем бројот на волонтери од средни училишта и студенти од разни факултети. Не помалку среќен ме прави и зголемената свесност кај многу компании кои освен што го помагаат настанот логистички, се вклучуваат и како волонтери. Или со два-три збора, пресреќен сум што успеав волонтеризмот како моја водилка и начин на живот да го пренесам на многумина.

 

Кога ќе направам споредба со првите настани во 2018 заклучно со последниот во јуни 2024 година на Школка, можам слободно да кажам дека има големи промени во прифаќањето и почитувањето, во зголемувањето на свесноста за различностите и за човековите права, во будењето и анимирањето индивидуалци и компании и, секако, најмногу во волонтирањето. Тоа ме прави горд затоа што успевам да го промовирам и да биде широко прифатено волонтерството како начин на живот.

 

Едноставно е: Волонтирај!

Денис Јанкуловски, граѓански активист

Subscribe To our newsletter!