Оваа година, во рамките на конкурсот „Вавилон“, се одржа доделувањето на наградите за најдобар млад преведувач на годината при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. По повод Европскиот ден на јазиците, оваа годишна манифестација собра група на млади ентузијасти кои заеднички учествуваа на конкурсот посветен на јазичната различност и уметноста на книжевниот превод. Зад идејата дека преводот е всушност мост меѓу културите на народите, „Вавилон“ е отворен конкурс за млади студенти на возраст до 26 години, кои се љубители на книжевниот превод и на европската литература. Младите учесници се поканети да достават извадоци од свои преводи на книжевни дела објавени во последните пет години, дело од кој било од 24-те официјални јазици на Европската унија на кој било од јазиците што се зборуваат во нашата земја. Духот на конкурсот лежи во идејата за соработка и меѓукултурна размена, што го оправдува и името „Вавилон“. Слично на митолошката Вавилонска кула, каде што јазичната разновидност се сметала истовремено и за благослов и за клетва, така и овој конкурс има цел да ги обедини луѓето преку занаетот на преведувањето, дозволувајќи книжевноста од цела Европа да добие ново јазично руво.
Од вкупно 14 учесници, трите талентирани млади преведувачки кои најмногу се истакнаа беа Евгенија Паневска, добитничка на второто почесно признание, Ивана Јаковова, добитничка на првото почесно признание, додека наградата за прво место оваа година ја доби Моника Зафировска за нејзиниот превод на дел од „Песната на Пророкот“ од Пол Линч од англиски на македонски јазик. Наградата се состои од паричен надоместок наменет за нејзино професионално усовршување во областа на преведувањето, како и објавување на победничкиот превод во Годишните собрани трудови на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Преводот на Моника беше посебно истакнат поради неговата умешност и креативност, а преведувачката успешното го пренела гласот на авторот на македонски јазик. Оваа победа претставува значаен момент во нејзината преведувачка кариера, а наградата ќе ѝ овозможи дополнителни можности за креативен развој.
На 26 септември, Делегацијата на Европска унија и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје го одбележаа Европскиот ден на јазиците преку церемонија за доделување на наградата за најдобар студентски превод „Вавилон“ – Нова генерација 2024. На церемонијата на доделувањето беа присутни значајни личности од книжевниот и академскиот свет, кои го збогатија настанот со свои инспиративни говори. Амбасадорот на Европската унија во земјата, Михалис Рокас, се обрати пред присутните, коментирајќи ја важноста на преводот во денешниот свет и како тој служи како мост меѓу различните култури и општества. Во својот говор, тој нагласи дека македонскиот јазик, како и сите други јазици што се зборуваат во оваа земја, се составен дел на културното наследство. Деканот на Филолошкиот факултет, проф. Владимир Мартиновски, изрази искрено восхитување за трудот на младите преведувачи и нивната посветеност да го зачуваат јазичното богатство преку преводот. Тој истакна дека преведувањето не е само техничка вештина туку и уметност што бара креативност и длабоко разбирање меѓу двата јазика. Потоа, професорката Татјана Срцева-Павловска од Универзитетот АУЕ-ФОН, која беше менторка на една од работилниците во рамките на резиденцијата во Радожда, го сподели своето искуство за процесот на преведувањето како занает. Таа ја нагласи важноста на „занаетчискиот прибор“ што го стекнале учесниците на овој конкурс – сет од вештини и техники што ќе им послужат во иднина.
Заедница на преведувачи
Со „Вавилон“ се создава нова заедница на млади преведувачи. Еден од најважните аспекти на „Вавилон – Нова генерација“ е чувството на заедништво што се создаде меѓу учесниците за време на преведувачкиот процес. Новата генерација „вавилонци“ без сомнение ќе ги понесе искуствата стекнати од преведувачкиот процес во понатамошни преведувачки авантури. Нивното патување не завршува тука, туку, напротив, овој конкурс претставува почеток на ново поглавје, каде што ќе продолжат да ја истражуваат сложеноста на јазиците и да придонесуваат во глобалниот дијалог преку преводот. Конкурсот беше придружен со серија работилници и менторски сесии, каде што учесниците имаа можност да ги усовршат своите вештини и да добијат корисни совети од искусни преведувачи и академици.
Оваа година од 17 до 21 април се одржа резиденцијата „Вавилон – Нова генерација“ во Радожда, Струшко. Резиденција всушност беше едно длабоко патување во светот на јазиците. Уште еднаш се докажа колкав потенцијал содржи јазикот во себе. Младите преведувачи се запознаа со нови зборовни кованици, нови култури, нова храна, нови пријателства и открија нови длабочини во себеси. Работилниците ги држеа четири искусни ментори од полето на преводот: писателот Владимир Јанковски, проф. Марија Гиревска, проф. Татјана Срцева-Павловска и проф. Зоран Анчевски. Овие работилници, одржани за време на резиденцијата во Радожда, одиграа клучна улога во развојот на преведувачките способности на учесниците.
Што следува?
За сите што сакаат да бидат дел од следната генерација преведувачи, конкурсот повторно ќе се отвори со почетокот на летниот семестар, поканувајќи нови млади таленти да се приклучат на оваа платформа. Со успехот на годинашниот конкурс, организаторите се уверени дека „Вавилон – Нова генерација“ ќе продолжи да расте, инспирирајќи повеќе млади луѓе да го следат својот преведувачки пат и да остават свој печат во преведувачкиот свет. Затоа, ако си млад/а преведувач/ка со љубов кон книжевноста и желба да ги поврзеш културите преку јазикот, следи го следниот конкурс на „Вавилон – Нова генерација“ 2025!
Доротеа Огненовска