Билјана Црвенковска: Најголем предизвик за малите издавачи е да се опстане - Europe House

6 Мај

BACK

Билјана Црвенковска: Најголем предизвик за малите издавачи е да се опстане

Билјана Црвенковска: Најголем предизвик за малите издавачи е да се опстане
Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Пишува книги за деца и книги за возрасни, издава книги за деца и за возрасни, постојано е актуелна со тоа што го работи и веќе со години го длаби патот за промоција на македонската книжевност надвор од границите на нашата земја.

Во пресрет на Саемот на книгата, настанот кој на една недела ги спојува љубителите на книгите, Билјана Црвенковска ни се чинеше како вистински избор на соговорник на тема писателство, издаваштво и саеми.

Најпрвин и најискрено, фала ти за тоа што најде време и за ова интервју, во сред претсаемска гужва. До каде сте со подготовките за Саем?

Како опасни дедлајнери, работиме буквално до 5 до 12, хахаха! Се шегувам, речиси сите изданија се веќе отпечатени, уште неколку се во печат. Последното, една интересна поетска збирка, ќе се печати во последните денови пред саемот на книга, но ќе стигне навреме. Оваа година планираме и помалку настани на нашиот штанд, пофокусирани сме и не се расплинуваме, па верувам дека сѐ ќе оди по план.

Бидејќи годиниве имаш одено по толку многу саеми во светот, кој (и со што) ти оставил најголем впечаток и како го доживуваш нашиот?

Саемите што ги посетувам се мошне различни, на пример саемите во Франкфурт и Болоња се повеќе ориентирани на продажба и купување на авторски права, тоа се класични бизнис-саеми што се отвораат за посетители само последниот ден, или последните два дена. Но, тие се пак многу интересни од аспект што се гледаат моментните трендови во светската книжевност и, во Болоња, на илустрацијата. Саемот во Болоња е исклучително богат и корисен за сите писатели и илустратори на книги за деца и млади, таму се изложени книгите што ги добиле најпознатите меѓународни награди, таму се соопштуваат добитниците на наградите „Ханс Кристијан Андерсен“ и „АЛМА“ (Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“). Има одлични изложби на наградувани илустратори, земји во фокус со одлична програма, гостувања на автори, илустратори и преведувачи, одлични панел-дискусии. Болоња е местото каде што се обединуваат, поврзуваат и дружат сите што се занимаваат со книжевност за деца и млади. Ако не си во Болоња, како да пропушташ цел еден свет(оглед).

Сепак, по гостувањето на саемот во Лајпциг годинава, каде што имав промоции и настани поврзани со излегувањето на германското издание на мојот прв роман „Девет приказни за госпоѓица Сит“, морам да кажам дека за еден автор на книжевни дела, тоа е најзначајниот саем. Промоциите во Лајпциг ги отвораат вратите за авторите за различни настани, фестивали, за нови преводи на други јазици, а секако се важни и за поврзување со други автори, издавачи и агенти. Она што се случува таму е навистина посебно. На книжевната вечер во театарот „Лофт“, каде што гостувавме неколку автори од регионот и централна и источна Европа и бевме претставени преку разговори со нас и читања на извадоци од нашите дела на германски, присуствуваа околу 250 луѓе. Сите имаа платено карта. Има настани, како познатата „Балканска вечер“ во Лајпциг, каде што гостуваат и по 500-600-700 луѓе.

Е сега, нашиот саем е локален саем чија намена е претежно да биде продажен, а мал фокус е ставен на промоции на авторите и делата. Сличен саем на нашиот, но многу поголем и побогат е Белградскиот саем на книга и тоа е, да речам, моделот по кој треба да се водиме за да имаме успешен саем. Многу сме далеку од него, посебно затоа што имаме саем што се одржува во спортска сала, но се надевам дека работите ќе се менуваат. Минатата година конечно имавме распоред на штандовите со кои повеќето бевме задоволни, имавме и прва фелоушип програма во рамки на саемот како дел од активностите на „Македонската асоцијација на издавачи“, значи нешто се придвижува. J

Каква ќе биде понудата и програмата на „Чудна шума“ годинава на Саем? Крчкате ли нешто чудно?

Имаме многу нови книги што беа објавени последниве месеци, а не успеавме да ги промовираме како што треба, па мислам дека саемот ќе биде одлична прилика да го направиме тоа. Ќе имаме неколку потпишувања на книги на нашиот штанд од домашни автори (на сликовниците „Боите на виножитото“, „Потрага по храброст“, на илустрираниот роман „Приказни од Sунливото Море“ и други), а ќе ги претставиме и новите книги од две едиции фокусирани на превод на дела. Во едицијата „YES – Млади европски приказни“, каде што преведуваме книги за деца и млади од реномирани европски автори, ќе ги претставиме најновите изданија, книгите за млади „За младоста“, „Да се биде јас“ и „Денови на Блуграс-љубов“, но и останатите изданија за деца што излегоа минатата година. Во рамки на едицијата „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ наменета за читатели од сите возрасти, за возрасните читатели ќе ги презентираме романот „Трофеј“ – дело на фламанската авторка Хеа Схутерс и графичкиот роман „Адна“ на Самира Кентриќ, а за децата – романот „Мишка“. Овие две одлични едиции се кофинансирани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и поддржани и од Министерството за култура и туризам. Имаме и неколку нови сликовници: „Најмалиот остров на светот“, сликовница што ја направивме заедно со хрватската илустраторка Хана Тинтор, една прекрасна литванска сликовница – „Соништата на камелеонот“, потоа хрватската „Кики, ние те сакаме“ и некои други интересни изданија. И само да напоменам, кај нас речиси сѐ е чудно, бидејќи повеќето од овие изданија се занимаваат со славењето на „чудноста“ и различностите, со инклузија, индивидуалност и слобода.

Изминативе години многу Ваши изданија беа наградени со наградите на МАИ за најдобри издавачки достигнувања во периодот меѓу два саема. Какви ви се очекувањата годинава?

Наградите на МАИ се едни од ретките награди воопшто кај нас и секако се значајни токму поради тој аспект, па секоја награда ни значи. Сепак, нашиот фокус е претежно на меѓународните награди како „White Ravens” или „BRAW“ (Bologna Ragazzi Awards), бидејќи тие се клучот за отворање на вратите кон меѓународните пазари и превод на нашите книги за деца и млади во други земји. Овие награди ги доделуваат експертски жири-комисии кои ја работат таа работа години и години, кои имаат членови што го зборуваат/разбираат и јазикот на кој е напишано одредено дело и можат да го оценат текстот. Тие знаат точно да го препознаат квалитетот, иновативноста и уникатноста на делата.

Твојата најнова сликовница, „Најмалиот остров на светот“ е илустрирана од врвната хрватска илустраторка Хана Тинтор, нешто што е вистински настан во нашето издаваштво. Како се случи оваа соработка?

Ова не е прва меѓународна соработка од овој тип, на пример Ване Костуранов илустрираше сликовници на српски и хрватски автори, додека Бистра Георгиева има две книги за деца илустрирани од шпанската илустраторка Моника Каретеро. Секако да не ја заборавиме и „Бушава азбука“ на Горан Стефановски и Душан Петричиќ, иако таа е создадена во едно друго време, кога не постоеја граници и живеевме во една земја, Југославија.

Но, начинот на кој настана соработката со Хана е многу интересен, бидејќи се работеше за еден поголем проект кој никогаш не се реализираше, а идејата беше да се спојат автори и илустратори од неколку европски земји. Сите издавачи во проектот „конкурираа“ со два автори и два илустратори и сите потоа заедно гласавме кои автори (текстови) односно илустратори ќе се изберат и кој со кого ќе биде ставен „во пар“. И така за мојот текст, кој беше изгласан со најмногу гласови од сите, што за мене беше огромна чест, беше избрана да го илустрира Хана Тинтор. Јас веќе бев влезена во преговори за издавање на македонски на две сликовници што ги илустрираше Хана, сега веќе објавени во „Чудна шума“ – „Мојата бабичка не знае која сум“ и „Каде се крие Ведран“ и знаев како работи. Таа е исклучително талентирана илустраторка, а нејзините илустрации се длабоки, уметнички и навистина уникатни во секој поглед. Тоа е тој храбар пристап во илустрацијата што се бара „таму“, во Европа. И бев пресреќна што ќе работам со неа.

За жал, проектот не се реализираше, но јас ја контактирав Хана и ја прашав дали сепак сака да ја направиме сликовницата. Иако беше презафатена и во тој период веќе имаше одбиено пет или шест проекти, со радост се согласи. Ѝ се допаѓаше текстот и се пронајде во него. И така настана „Најмалиот остров на светот“, книгата која е „хајлајт“ на нашиот саемски каталог, на нашиот каталог за продажба на права и, се надевам, книгата што ќе ја одбележи оваа година.

Веќе не се добројуваат книгите што ги имаш напишано изминатите 10-15 години. Од каде црпеш инспирација за нови и нови – и приказни, и теми?

Ах, не секогаш имам инспирација, посебно не за приказните што ги пишувам „по нарачка“ и кои не секогаш се според моите желби, критериуми и стандарди, хаха. Но, баш поради тоа што пишувам многу различни работи, во моментот кога имам блокада за една работа, се префрлам на друга што ја пишувам паралелно и така се мотивирам.

А за инспирацијата, таа ја наоѓам насекаде, особено ми е предизвик да пишувам на теми за кои кај нас не се пишува… или да пишувам за нив на поинаков начин. Веќе одамна не ми се интересни приказните што се само смешни и забавни, а немаат нешто подлабоко. Или приказните што буквално раскажуваат сѐ и не оставаат простор за слоевитост и интерпретација на повеќе нивоа. Или приказните што реално се напишани само за возрасни, а се спакувани во „руво“ како да се за деца (обично замката во која паѓаат „големите“ писатели на „големи“ дела, хаха). Се шегувам, секако, но сакам да пишувам приказни што знам дека ќе бидат читани и надвор од Македонија. За мене тоа е најголемиот успех, кога ќе видам дека таа приказна допрела до читателот (без разлика дали тој е дете или возрасен) во некоја друга земја. И токму тоа ме мотивира, ме инспирира, ме тера да читам и да истражувам и да пишувам различни и различни нешта за различни луѓе од сите возрасти.

Кои ти се најголеми предизвици, кога станува збор за пишувањето, а кои кога станува збор за издаваштвото?

Во моментов ми е најголем предизвик мојот трет роман кој никако да го завршам, хаха… Но, се надевам дека конечно ќе го имаме некаде до крајот на септември. Паралелно работам и на една збирка раскази, исто така за возрасни читатели. И да, најголемиот предизвик ми е да им објаснам на читателите дека не сум САМО автор за деца и дека моите романи „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“ не треба да стојат на полиците каде што стојат книгите за деца во книжарниците (нешто што редовно се случува!). Ова, секако, важи само за Македонија, во Германија, на пример, го немам тој проблем.

А за издаваштвото, најголемиот предизвик – не само мој, туку и на секој помал, независен и некомерцијален издавач во Македонија – е да опстане. Во време кога сѐ помалку се читаат и се купуваат книги (последно нешто на листата на купување се книгите, за жал), во време кога поддршката за културата се крати од сите можни страни (културата е секогаш на последно место), најголемиот предизвик е да изнајдеш различни модели на преживување. Верувам дека успешно жонглираме со „Чудна шума“, барем сега засега, благодарение на тоа што се занимаваме со неколку дејности. Мојот партнер Кире Галевски е фотограф и тој инсистираше да додадеме неколку „гранки“, па сега „Чудна шума“ се занимава и со издаваштво, и со книжарство, и со уметност, и со фотографија, и со дизајн, и со таканареченo „FineArt“ печатење на фотографии и репродукции, и со продажба на уметнички материјали… Сите чуда и чудесии на едно место.

Фотографии: Наташа Атанасова

Subscribe To our newsletter!