Интеркултурна јазична размена во Europe House Струга: Од младински сленг до нови пријателства - Europe House

18 Ное

BACK

Интеркултурна јазична размена во Europe House Струга: Од младински сленг до нови пријателства

Интеркултурна јазична размена во Europe House Струга: Од младински сленг до нови пријателства

На работилницата за интеркултурна јазична размена „Level Up: Intercultural Language Exchange“ која се одржа во Europe House Струга, средношколци од македонска и албанска јазична настава се запознаваа и поврзуваа преку јазикот што им е својствен – јазикот на младите.

Наместо формално учење јазик, учесниците преку интерактивни сесии и неформални разговори разменуваа младински сленг, секојдневни изрази и теми од поп-културата.

Под менторство на лингвистката и наставничка Селпи Пошка, тие имаа можност да го практикуваат јазикот на опуштен и креативен начин, да ги откриваат сличностите и разликите меѓу своите јазични и културни искуства, и да се запознаат преку нешто што им е блиско.

Од преведување на сленгот и изразите од омилените музички хитови до синхронизација на популарни TikTok видеа, младите од Струга откриваа дека јазикот е многу повеќе од зборови – тој е жив мост кон меѓусебно разбирање, поврзување, споделување идеи и вредности. Но, и дека со заемна поддршка и подготвеност да се научи нешто од другиот, јазичните бариери полесно се надминуваат.

Иницијативата „Level Up“ покажува дека понекогаш е доволна една добра плејлиста или една заедничка тема за разговор за да започне вистинска комуникација и да се создадат нови пријателства.

Subscribe To our newsletter!