Кој се буди кога ќе падне ноќта и светлата ќе згаснат? Како оживува ноќниот свет? Кои мистерии се кријат во темнината? – Одговорите на овие прашања ги бараа малите истражувачи на двете работилници „Кој се буди кога ние спиеме?“, кои на 19 и 20 ноември го претворија Природонаучниот музеј во вистинска истражувачка дестинација.
Во полузатемнетиот простор, со ламбички во рацете и истражувачки дневници, децата тргнаа во потрага по тајните на ноќните животни. Преку таинствени мисии, експерименти со светлина и звук и детективски предизвици, тие ги испитуваа своите сетила и откриваа како животните се приспособуваат на животот во темнина.
Водени од Македонското еколошко друштво, младите учесници учеа низ игра, истражување и непосредно искуство, откривајќи дека природата има свој посебен ритам и тогаш кога светот околу нас мирува.
Серијата ноќни истражувачки работилници, организирани од Europe House Скопје, се дел од активностите во годината во која Природонаучниот музеј одбележува значаен јубилеј – 100 години постоење.
Овие несекојдневни вечерни настани уште еднаш потврдија дека музејските простори се места каде љубопитноста, знаењето и откривањето постојано оживуваат.
А ноќните авантури продолжуваат! Наскоро следуваат нови работилници „Кој се буди кога ние спиеме?“, со нови истражувања и уште многу тајни за откривање.











