Во текот на мај и јуни 2026 година, мрежата на Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија го одбележаа Денот на Европа со богата програма од културни, едукативни, еколошки и младински активности низ повеќе градови во земјата.
Централната прослава „Уживај ја Европа во Градскиот парк“ се одржа на 9 мај, каде што посетителите уживаа во содржините како – базар на еко-бизниси, маалски бувљак, локална храна и активности на земјите членки на ЕУ, до целодневна музичка програма. Прославата започна во Битола со концертот на FAME’S Orchestra, а продолжи со настапот на Фанк Шуи под насловот „Уживај ја Европа со музика“.
Во Велес, преку акцијата „Растеме заедно“, беа засадени повеќе од 3.000 садници во подрачјето околу езерото Младост, додека во Тетово настанот „Уживај ја Европа со книга“ ги обедини љубителите на литературата преку саем на книга, разговори со автори и активности за најмладите. Во Штип во организавција на Europe House Струмица, младите од регионот имаа можност да ги истражат образовните и професионалните можности што ги нуди Европската Унија, а во Струга се одржа прекугранична велосипедска тура „Уживај ја Европа во движење“ околу Охридското Езеро, која ги поврза Северна Македонија и Албанија преку спортот и соработката.
Програмата за Денот на Европа 2026 опфати повеќе од 6.200 учесници низ земјата и беше поддржана од бројни партнери, амбасади на земјите членки на Европската унија и локални заедници. Активностите генерираа значителен интерес и на дигиталните платформи, достигнувајќи повеќе од 3,4 милиони прегледи на социјалните медиуми и над 25.000 интеракции. Прославата доби и широка медиумска покриеност, со повеќе од 50 објави на веб-портали, 11 телевизиски прилози и 46 радио емитувања, дополнително зголемувајќи ја видливоста на европските вредности и иницијативи низ целата земја.
Преку музика, книги, екологија, младинско учество и локални иницијативи, Денот на Европа 2026 уште еднаш покажа дека европските вредности се градат преку заедништво, активна вклученост и соработка во локалните заедници.








