Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.
Пишува: Мартина Дранговска Мартинова, правничка, Македонско здружение на млади правници
Неодамна за време на една работилница во Приштина, предавачката нè замоли да одговориме со едноставно „да“ или „не“ на тезата: „Родителите треба целосно да ја контролираат приватноста на своите деца на интернет“. Речиси сите во просторијата без двоумење одговорија потврдно. Јас бев на другата страна од одговорот и, држејќи се до моето „не“, станував сè посвесна дека прашањето е за простор. Простор во кој човекот, мал или голем, учи да биде сам со себе, да постави граница, да постои без нечие туѓо око како огледало.
И токму тогаш ја почувствував целата тежина на прашањето, не затоа што другите грешат или затоа што јас сум во право, туку затоа што сфатив колку длабоко е вкоренето убедувањето дека приватноста е привилегија што децата допрва треба да ја заслужат.
Но правото да бидеш оставен на мир не е каприц на модерниот човек, туку стара човечка потреба. Вирџинија Вулф одамна напиша дека без „сопствена соба“ нема слободна мисла. Денес, кога и комуникацијата ретко има своја тишина, станува јасно дека приватноста е предуслов за достоинство. Таму каде што нема простор за сопствените зборови и мисли, човекот полека исчезнува.
А сепак, токму во свет на постојана поврзаност, приватноста е едно од најпотценетите човекови права. Сѐ почесто доброволно се откажуваме од неа, прифаќајќи ја како цена што ја плаќаме за удобност и чувство на припадност. Малите, речиси незабележливи отстапки што ги правиме, со текот на времето ја поместуваат границата меѓу јавното и интимното, сè додека приватноста не се претвори од право во привилегија.
Но не еднакво за сите. Приватноста отсекогаш имала различни значења, во зависност од тоа кому му припаѓала. За жените, таа со векови била врзана за домот, за просторот што општеството го нарекувало безбеден. И денес, кога насилството сè уште се третира како нешто што треба да остане зад затворени врати, јасно е дека таа рамка не е надмината.
И не само што опстојува, туку и се префрла на интернет. Доволно е да се отвори која било јавна објава на жена за да се види како насилството станува јавно и нормализирано. Коментарите речиси секогаш се сведуваат на изгледот, а жените се нападнати само зашто се видливи наместо повлечени и тивки. Во таков простор, повикувањето на приватноста повторно служи за да се оправда очекувањето дека жената треба да биде надвор од видното поле.
Последиците од ваквото сфаќање на приватноста, сепак, најрано и најсилно се чувствуваат кај децата. Приватноста им се одзема рано, тивко и најчесто со најдобри намери. Преку секојдневното документирање и споделување, детството станува јавно пред детето воопшто да разбере што значи избор. Така го губи просторот да учи што да сподели, со кого и зошто, и кога е во ред да не сподели ништо. Без таа можност да погреши, да се поправи и да научи, детето никогаш не ја учи приватноста како нешто што му припаѓа.
И како што детето расте, наместо просторот околу него постепено да се шири, во името на безбедноста сè почесто се заменува со надзор. Особено на Балканот, каде што контролата лесно се маскира како љубов. „Додека живееш под мој покрив“, велиме, заборавајќи дека дигиталниот покрив нема ќерамиди и бара сосема нов јазик на грижата. Кога грижата се претвора во надзор, разговорот исчезнува, а тишината што го заменува е најнебезбедната средина за растење.
Особено за девојчињата, кои многу порано и многу поинтензивно ја чувствуваат тежината на дигиталниот поглед врз себе. Понекогаш тој поглед е експлицитен: во форма на коментар, фотографија или порака што ја преминува границата. Понекогаш е тивок и системски: алгоритам што ги насочува и обликува уште пред да добијат простор да одлучат кои сакаат да бидат. Пред да научат да го препознаат сопствениот глас, тие веќе учат да го калибрираат според туѓи очекувања.
Со текот на времето, за девојчињата погледот на другите станува референтна точка. Границата не се доживува како право, туку како ризик. За нив, приватноста не е само прашање на безбедност. Таа е архитектура на самодовербата и предуслов за достоинствено постоење во јавен простор што никогаш не е навистина неутрален.
Но тоа искуство не завршува со детството. Девојчињата што растат без право на сопствен простор подоцна како жени повторно се соочуваат со истото оспорување, само во поинаква форма. Границите што не им биле признаени рано, подоцна повторно мора да ги докажуваат. Токму затоа разговорот за приватноста на децата нè враќа на прашањето: зошто контролата ја прифаќаме како нешто нормално?
Со таа мисла на ум, прашањето од работилницата си го донесов и во Скопје. Не ме следеше толку бројноста на оние што се согласија со тезата колку леснотијата со која дадовме одговор. Брзите одговори понекогаш служат како завеси зад кои се кријат теми што бараат многу подлабоко размислување.
Овде не станува збор за избор меѓу анархична слобода и воен надзор. Тоа се двете најлесни позиции, и двете погрешни. Она што ни недостига, а ретко го споменуваме, е постепен простор на учење: место каде што детето не се остава само, но и не се лишува од себе. Место каде што приватноста не е ризик што го избегнуваме, туку способност што внимателно ја градиме.
И токму тука е одговорот: да создадеме свет што ќе ги чува децата без да ги затвора и ќе им отвори простор да растат без да ги изложи. Да признаеме дека приватноста не е опасност, туку предуслов за човечност.
И дека детето, додека расте под наш покрив, мора постепено да научи како да живее под свој, со врата што знае кога да се отвори, а кога да остане затворена.
*Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.
