Носи ја промената – целогодишна платформа за родова еднаквост - Europe House

15 Сеп

BACK

Носи ја промената – целогодишна платформа за родова еднаквост

Носи ја промената – целогодишна платформа за родова еднаквост

Секоја трета жена во Северна Македонија над 15 годишна возраст доживеала вознемирување или насилство. Земјата има една од највисоките стапки на фемицид во Европа. Жените заработуваат 12% помалку од мажите и извршуваат 72,5% од неплатената работа и грижа во домот.

Зад овие бројки се крие реалност со која живееме секој ден и на која речиси и не реагираме. Жена која ја напуштила работата во која била успешна затоа што грижата во домот по автоматизам е нејзина обврска. Пријава за закани што била поднесена, но не водела никаде. Просторија во која се носат одлуки, а нема ниту една жена. Ништо од ова не смее да помине. Ниту еднаш.

Токму затоа „Тимот Европа“ (анг. Team Europe – амбасадите на земјите членки на ЕУ) и Делегацијата на ЕУ ја започнаа кампањата „Носи ја промената“. Не станува збор за уште едно одбележување на Меѓународниот ден на жената, туку за кампања што се спроведува во текот на целата година, низ целата земја — од март до 16-те дена активизам во ноември.

Надополнета со впечатливиот уметнички израз на популарната локална илустраторка Руки Чуки, кампањата патува од град до град: Скопје, Велес, Тетово, Струга, Битола, Струмица. Во секој град, амбасадори на земјите членки на ЕУ седнуваат на иста маса со организации на граѓанското општество, претставници на општините и органите за спроведување на законот, да ги отворат разговорите на седум комплексни локализирани теми:

Кој ја плаќа сметката

Пробиениот штит

Празното столче

Невидливата пациентка

Бескрајната смена

Жетвата без нејзиното име

Кој ја програмира иднината

За еднаквоста не се одлучува само во рамките на институциите. Таа се одредува и според тоа кој ја добива работата и кој напредува, според тоа дали една жена на интервју за работа ќе биде прашана дали планира да има деца, според тоа кој родител останува дома кога детето е болно. Кој зборува на состанокот, а кој е постојано прекинуван. Но, и според тоа што се случува кога жена ќе каже дека некој ѝ се заканува, и дали некој го сфаќа тоа сериозно.

Законот опфаќа дел од ова. За останатото сме одговорни сите ние.

Кога законот не се применува, прашај ја институцијата зошто и пријави го тоа. Не го третирај насилството во семејството како приватна работа.

Носи ја промената таму каде што си. Дома, на работа, во просторијата каде што се носат одлуки.

Линкови:

Скопје, март – Кој ја плаќа сметката: Цената на нееднаквоста

Велес, април – Пробиениот штит: Родово базираното насилство и институционалната заштита

Тетово, јули – Празното столче: Жените во политиката

Струга, јули – Кој ја плаќа сметката: Цената на нееднаквоста

Subscribe To our newsletter!