Ден на млади – што сакам да бидам кога ќе пораснам? - Europe House

26 Aug

BACK

Ден на млади – што сакам да бидам кога ќе пораснам?

Ден на млади – што сакам да бидам кога ќе пораснам?

Според ОН, млади се сите луѓе што имаат до 24 години. Бидејќи имам 26, кога го прочитав тоа, веднаш се почувствував стара. Истовремено ми дојде и одредено олеснување бидејќи сега конечно можам да им ја препуштам одговорноста на „новите генерации“. Како што според ОН навлегов во староста, се чувствувам сè пооддалечена од иднината. Таа не е моја, таа е во рацете на „младите“. На крајот на денот, ним ќе им остане светот. Малку себично, но што има врска? Од друга страна, според СЗО, уште сум млада бидејќи границата е до 29 години, а во државава млада можам да сум и до 40. Изгледа младоста не е во бројките, туку во нешто малку поразлично – духот, можеби?

Секако ја разбирам идејата на Денот за млади, кој е суштински за да се поттикне разноликост, да се започнат дискусии и да се овозможи размена на идеи меѓу луѓето без разлика на нивната возраст. Ова важи и за конкурсите, работилниците, настаните, размените меѓу студенти и сите можности за развој и уважување на новите, млади генерации. Целта? Да се создаде подобар и поотворен свет. Сепак, постојат одредени контроверзни точки поврзани со овие иницијативи, како и со самиот ден.

Прво, каков е тој подобар и поотворен свет? Според чии идеи ќе го градиме?

Се чувствувам како да постои одредена романтизација на младоста и некое чудно верување дека младите интуитивно ја насетуваат далечната иднина. Како млада жена (според СЗО, но не според ОН), сето тоа малку ме збунува. Бидејќи не живееме во митолошка приказна или клише роман, треба да се има предвид дека не секогаш младото е добро, динамично и полно со живост, а старото – пасивно и лошо. Не може да се генерализира и сите млади да се стават под еден чадор. На пример, годиниве во светот видовме како некои „нови“ бранови во развиени европски држави се фиксираат на прилично конзервативни вредности. Со други зборови, ако дојдат група млади луѓе и зборуваат дека фашизмот е супер, дали ќе ги послушаме само затоа што се млади и водени од „новиот“ дух? Секој има различна претстава за концептите на младо и старо која зависи од личните идеи за тоа каков треба да биде светот. Нагласувам – не сите млади, ниту пак стари, се исти. Затоа, сметам дека таквата поделба не помага за создавање на утопијата која се продава со идејата за „младост“.

Но кога сме кај продажбата и кога некои луѓе се лупаат в гради мислејќи дека се борат за младите, да се запрашаме дали воопшто се преземаат релевантни чекори за интегрирање на младите во општеството или, пак, сето тоа е продавање костими и маски?

Статистики покажуваат дека мал процент млади луѓе вистински учествуваат во носењето важни општествени одлуки. Дискриминацијата сè уште постои и ретки се примери некој млад човек да биде препознаен по квалитетите и да му се даде несебична шанса да расте и да напредува во својата сфера. Исто така, многу компетентни млади продолжуваат да бидат игнорирани само поради нивната возраст за сметка на „стари“ некомпетентни луѓе кои се сериозно сфатени. Сето  ова е дополнително зажарено со тоа што општеството постојано дава контрадикторни пораки, нешто како правилата на свињите во „Животинска фарма“. Па така, иако светот на младите им ја префрла одговорноста за иднината, сепак, истовремено ни вели дека сме неспособни, неискусни, наивни, импулсивни и во суштина диви животни. Само денес имав четири такви коментари од различни луѓе, а ништо не реков пред да ги добијам (може требаше да врескам?).

Како да се очекува да има компетентни и зрели млади луѓе кога општеството (особено нашето) постојано ги инфантилизира и понижува, кога не е спремно да ја чуе нивната перспектива? Зошто едно општество сака да им ја префрли одговорноста на група луѓе кои ги смета за неискусни и некомпетентни? Кога ќе ни се смачи постојано да правиме поделби по возраст, пол, раса, етничка припадност само за миг некои луѓе да си го  задржат прстот врз контролното копче и привидната моќ?

Секогаш е жално кога ќе видиш како некој постар „успешен“ човек те гледа со прекор и ти прави сопки наместо да ти даде реална конструктивна критика или, пак, едноставна човечка поддршка. Затоа, за Денот на млади, посакувам вистински да се видиме едни со други и да ги забележиме нештата што нè поврзуваат, а не да се толкуваме преку површноста и да си наметнуваме разлики. Поентата е да постојат меѓусебна почит и поддршка дури и кога ќе се тргне завесата и ќе си заминат камерите. Сметам дека и младите треба да ги поддржуваат старите, зошто да не? Или така ќе се скршат некои невидливи граници на моќ?

Секако, не е сè црно и постојат луѓе кои навистина помагаат и насочуваат. Обично тие луѓе поддршката ја даваат секому и тоа несебично, со верба во иднината и со многу љубов. Кога ќе остарам, сакам да сум како нив.

Subscribe To our newsletter!