Висар Мехмед, музичар, диџеј, графички дизајнер: Никогаш не дозволувајте да ви ја одземат слободата - Europe House

2 Oct

BACK

Висар Мехмед, музичар, диџеј, графички дизајнер: Никогаш не дозволувајте да ви ја одземат слободата

Висар Мехмед, музичар, диџеј, графички дизајнер: Никогаш не дозволувајте да ви ја одземат слободата

Висар отсекогаш знаел дека сака да се занимава со креатива работа. Тој е дел од проектот Future of Europe кој беше изложен во East Gate Mall

Тој е музичар, диџеј, графички дизајнер. Вели: „Никогаш не дозволувајте да ви ја одземат слободата“! Висар Мехмед својата креативност ја изразува преку повеќе уметнички имиња кои се дел од неговото алтер его. Како диџеј настапува под името Aka Thesuar, како дрег-кралица под името Вера Вендета. На прашањето која младинска европска цел најдобро го опишува, тој вели: ментално здравје и добросостојба. Мехмед е дел од изложбата Future of Europe отворена во East Gate Mall.

Висар отсекогаш знаел дека сака да се занимава со креативна работа. Родителите инсистирале да студира медицина и да стане доктор или да работи професија од која добро ќе заработува. Но, тој сонувал да стане музичар. Како дете замислувал дека свири гитара, но бидејќи е левучар, тешко успевал да го совлада инструментот.

– Бев одлучен да се запишам во средно музичко. Така почнав подобро да се разбирам себе си… односно колку што може млад човек на 15 години да се спознае себеси… – вели Висар.

Дошло време да се запише на факултет. Сметал дека со Факултет за музичка уметност нема многу да постигне, бидејќи не сакал да биде професор по музика, туку да се занимава со други нешта. Решил да студира графички дизајн и за кусо време сфатил дека визуелните работи му лежат, дека е многу креативна личност. Додека студирал почнал да создава авторска музика.

– Беше штета да ги отфрлам тие 4 години поминати во музичко, па почнав да користам мултимедијални програми. Во тоа време бев вљубен, но ми беше скршено срцето. Таа болка почнав да ја преточувам во музика што ја споделував со моите најблиски. Имав преубав фидбек и бев охрабрен да продолжам со музика. И така го направив мојот прв албум – вели Висар.

Во средно научил да свири клавир што многу му помага во создавањето музика. Стилот никогаш не му е статичен – почнал со дарквејв, па експериментирал со трипхоп. Сега се обидува да создава мејнстрим музика. Бидејќи студирал графички дизајн, овие искуства ги искористил за визуелните ефекти што ги прави сам. Вели дека тоа му е полесно, зашто во Скопје е тешко да се соработува со други артисти.

– Сите сме во креативна криза кога се работи за соработка. – вели Висар.

Првиот самостоен настап му бил во 2018 година во Музејот на современата уметност во Скопје. Таму го промовирал првиот првиот албум. Вели дека оваа промоција за него била ослободување, бидејќи до тогаш се плашел да каже како се чувствува.

– Тој настан ми го промени животот, ме охрабри да бидам најквир уметник што можам да бидам. Ме гледаат чудно, како изгледам, пеам, врескам, скокам, сè може да биде дел од мојот перформанс. Немаше многу луѓе, но тие што беа, беа моите најблиски. Мило ми е што мојата фамилија беше таму за да сфати кој сум. Понекогаш зборовите не се доволни, требаше во живо да видат кој сум и што работам. Затоа уметоста е совршен начин на комуницирање. – вели Висар.

Вера Вендета е едно од неговите алтер-ега, а се случило кога имал криза на идентитетот, кога трага по себеси, сè додека не сфатиле дека е квир. Со блиските со кои работел во тоа време сфатиле дека во Скопје нема дрег-култура, па ја формирале првата дрег-куќа и го организирале првото шоу.

– И дотогаш сум настапувал, но ми беше првпат во улога на пренагласена верзија на жена. Уживам кога сум Вера Вендета. Преку нејзиниот лик можам да правам нешта што не можам како Висар или Aka Thesuar. Таа има друга моќ, моќта на другиот пол, тогаш сум друга персона. Мислам дека тоа е многу кул и многу е забавно. Целата дрег-уметност е експлицитна и верувам дека на стрејт луѓе им е многу драматична. Но, верувајте, не правиме ништо невообичаено, станува збор за глумење. Ако актерите работат по скрипта, сценарио, јас сам го измислувам и креирам ликот. – објаснува Висар.

Тој смета дека квир-културата во Скопје постои во некој мал процент, но тоа е разбирливо бидејќи овие луѓе доаѓаат од маргинализирани групи. Сепак, смета дека ако не преземат нешто, би постоеле без никакав причина.

Затоа почнавме иницијатива за нешто што ќе биде зачеток на квир-култура. Не дека не постоеше, но беше повеќе во делот на активизам, многу статичен и не беше забавен. Постоеше на семинари, на панел дискусии. За мене квир-културата е една од најважните супкултури, зашто можам на свој начин најдобро да се претставам тоа што сум. Не е само Вера Вендета, туку и Aka Thesuar и Висар, сето тоа сум јас. – вели Висар.

Subscribe To our newsletter!