БИТОЛА НИЗ КУЛТУРЕН И ИСТОРИСКИ ОБЈЕКТИВ - Europe House

29 Jun

BACK

БИТОЛА НИЗ КУЛТУРЕН И ИСТОРИСКИ ОБЈЕКТИВ

БИТОЛА НИЗ КУЛТУРЕН И ИСТОРИСКИ ОБЈЕКТИВ

Градот со многу имиња: Манастирски град, Градот на клавирите, Градот на конзулите, Градот на Широк сокак, Хераклеја…
Постојат повеќе приказни и легенди околу настанувањето на зборот Битола и консеквентното именување на градот. Етимолошкото потекло на зборот Битола доаѓа од старословенскиот збор обител[1], чие значење упатува на средновековниот назив на монашки заедници и манастири. Градот под планината Пелистер изобилува со богато културно и историско наследство, имајќи предвид дека претставува административен, културен, индустриски и образовно-научен центар.


Османлиска разгледница на Битола од 1902 година на која е прикажана реката Драгор.

Секое мало сокаче, уличка, секое скриено дуќанче на Битола исцртува величествен мозаик на една историска приказна.  Градот е поставен на најславниот римски пат, Вија Игнација, а патописните записи од 15 век на Евлија Челебија говорат за богатата цивилизација и космополитскиот дух на градот Битола уште векови наназад пред неговата модернизација. Гледано историски наназад, голем дел од конзуларните претставништва во земјта се наоѓале токму во овој град, додека денес Битола располага со тринаесет конзуларни претставништва со чија помош ги придобива европскиот дух и културата. Оттука, Битола го добива својот дипломатскиот атрибут „Градот на конзулите“ – уште еден од неколкуте називи на градот.

Градот располагал со многу школи, меѓу кои и познатата воена академија, која ја посетувал славниот основач на Турската Република, Кемал Ататурк. Во историскиот период на крајот од 19 век населението на Битола непрестајно се зголемувало и паралелно се проширувала индустриската дејност со отворање на различни фабрики, дуќани и занаетчиски работилници. Истовремено, во овој период се развива фотографската дејност благодарение на првите снимени фотографии и филмови на браќата Манаки, основоположниците на балканската кинематографска дејност. Колоритноста на Битола најмногу доаѓа до израз за време на престижниот меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки“, кој се одржува секоја година и истовремено е првиот светски фестивал посветен на визуелното уметничко творештво на кинематографите.


Центарот на Битола

Град како никој друг

Многу градови, села пројдов,
Како тебе Битола, нигде не најдов.
 – Ајри Демировски (1927 – 2009), Битола, мој роден крај

Хронотопот на Битола го среќаваме во многу песни, раскази, стории, во модерната музика и уметност, а најмногу впечаток ни остава битолската архитектура, која предизвикува безвремено чувство на естетски вознес кај посетителите и туристите ширум светот. Покрај архитектурата, во Битола се наоѓаат многу музеи, галерии, театри, што го претставуваат културниот пулс на градот. Еден интересен податок за градот е тоа дека во повоениот период во Битола биле избројани 1.500 клавири во сопствеништво на битолските семејства, што подоцна ќе стане инспирација за ново именување на градот како „Градот на клавирите“. Поседување клавир во овој временски период значело поседување богатство, бидејќи клавирот бил симбол за имашливост и висок статус.

Ако направиме една прошетка низ Битола…

 Ритамот на градот најмногу може да се почувствува при амбиенталните прошетки на Широк сокак, некогашно корзо, а сега една од најпрометните улици кај нас. Оваа улица ја красат колоритни дуќани, бутици, некогашни занаетчиски продавници, пекарници, а сега и кафулиња и ресторани налепени во приземјата на старите архитектонски градби останати од предвоениот период. Живописните куќи, камените мостови и цветните балкони совршено се спојуваат со современите кафетерии, галерии и ресторани. Широк сокак неслучајно е најпозната амбиентална улица во Битола, која романтично го доловува духот на градскиот етос.

 
Широк сокак некогаш…


…и денес.

Повеќе од 130 објекти во Битола се под заштита на државата и се сметаат за историско и (мулти)културно наследство на градот. Покрај Широк сокак, во Битола можат да се посетат и други знаменитости, меѓу кои и битолската Саат-кула, зад која се крие фантастична легенда за нејзиното создавање. Имено, станува збор за процесот на градење на кулата во периодот помеѓу 16 и 17 век, кога со доаѓањето на османлиските власти во градот, Турците собрале над 60.000 јајца од околните села и направиле смеса од малтер со којашто ги ѕидале ѕидовите на кулата.

Потем, во градот изобилуваат и голем број цркви и џамии (Јени џамија, Исак џамија, Ајдар-кади џамија) поради различните верски припадности на населението. Тука е и безистенот, односно покриениот пазар во центарот на градот во кој изобилуваат најразлични дуќани и продавници, како и Старата битолска чаршија, која се смета за дамарот на градот и вклучува околу 900 дуќани.

Кога правиме прошетка во Битола не можеме да го заборавиме античкиот локалитет Хераклеја, некогашниот антички град посветен на грчкиот херој Херкул, основан во четвртиот век пр.н.е. од страна на Филип Втори. Со секој изминат чекор во Хераклеја Линкестис можеме да почувствуваме како историјата станува жива, да го почувствуваме нејзиното дишење кога ги оживува спомениците на минатото, амфитеатарот, термалните бањи и уникатните мозаици. Можеме да ја проследиме историјата на археолошкото наоѓалиште – од древна грчка колонија, римска провинција до византиска културна грамада и да ја потврдиме дека Хераклеја ги носи митските остатоци од времето. Некогашните тесни улички денес се божествен печат за историјата на еден народ и историјата на една цивилизација. Сите овие прекрасни знаменитости го одразуваат многувековниот процес на развој и изградба на она што денес претставува модерна Битола.

Археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис

Битола ја краси и познатата градба-споменик на Офицерскиот дом или уште позната како Сарајот на Абдулах Керим-паша од турско време – како едно од најголемите архитектонски обележја на битолската и македонската архитектура воопшто. Неодамна, просторот на Офицерскиот дом стана домаќин на Europe House и отвори многубројни перспективи и услови за младите поединци, кои отсега ќе имаат можност да го развијат својот креативен потенцијал и да бидат дел од дискусијата за клучните теми и прашања на Европската унија. Во следна прилика, посетете го просторот на Europe House Битола и запознајте го младиот тим на Europe House, со кој ќе можете да се инспирирате за мултикултурните теми на денешницата и да продискутирате за актуелните настани во нашата земја и во светот – или, накратко, дојдете да уживате во креативната енергија што ја нуди просторот на Europe House Битола. 

Europe House Битола

Универзалната раскрсница на времето

Градот Битола низ времето бил сведок на големи историски пресврти, војни, поделби и реставрации, но никогаш не престанал да биде исполнет со културни и историски сокровишта на многувековната традиција. Битола е дом на различни религии, култури и јазици, на голем број културни настани, дом на првата жена-фармацевтка во нашата земја, Рајна Алексова (1882 – 1959), на првиот Македонец-алпинист кој се искачил на Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато (1953 – 1989), дом на браќата Влатко и Горан Стефановски, дом на Кирил Македонски, Јонче Христовски, Драги Михајловски, дом на многу креативни луѓе кои оставиле траен печат во македонската културна и научна традиција.

Битола денес не ги крие своите млади таленти, чии интереси се движат во насока на визуелните уметности (веб и класични), моден дизајн, внатрешен дизајн, архитектура, книжевност, филм итн. Уметничкиот порив не замира во новите генерации на младите битолчани, кои мошне умешно знаат да го доловат духот на својот град во нивните инвентивни креации. Битолската авангарда е исполнета со свежи идеи на млади и креативни умови, чии аспирации и имагинации го сочинуваат мозаикот на новата, модерна слика на Битола.

Од античкиот период до современоста, Битола претставува вистинска универзална раскрсница на времето. Тука, на едно место, можат да се најдат слоеви од различни идентитети и цивилизации што заемно се испреплетуваат во еден безвремен амалгам на историја, уметност и култура.

 

[1] Зборот обител со текот на времето го губи гласот „о“ и станува она што денес го нарекуваме Битола. Овој збор сѐ уште можеме да го сретнеме во хрватскиот јазик, но со друго значење. Според приказните на Марко Цепенков, како и оние на старото население околу битолскиот крај, се раскажува за постоењето на голем број цркви во околината на Битолското Поле, што подоцна станува причина градот да биде нарекуван Манастир. За сите овие трансформации на топонимскиот назив постојат физички докази (Битолската плоча од 1015 година) од средниот век што упатуваат на постоењето на името на градот.

Subscribe To our newsletter!